Државните мерки не поделија на авторитарни и слободоумни

Фото: Ерол Шаќири

Не запираат дискусиите во врска со рестрикциите наметнати од државата, вклучени се сите, од обични граѓани до универзитетски професори,секој со свое мислење и толкување. Се анализираат човековите права, односно повредата на истите. И се е тоа добро само што се добива впечаток дека се раѓа една нова поделба помеѓу луѓето, како да досегашните не беа доволни, а интересно е што поделбата се раѓа помеѓу еминентни борци за човекови права, што според мене е многу жално. Се работи за следното, сите тие што ги поддржуваат мерките на државата во борбата со вирусот се окарактеризираат како луѓе со АВТОРИТАРНА СВЕСТ и тие кои се против мерките (забрана за движење, полициски часови, државни карантини), луѓе со СЛОБОДАРСКА СВЕСТ. Се прават споредби со мерките превземени од страна на другите држави, се критикува државата дека мерките не се во согласност со меѓународното право за правата на човекот. Имам впечаток дека се заборава дека државата се наоѓа во ВОНРЕДНА СОСТОЈБА.

Јас припаѓам во групата на тие што ги оправдуваат државните мерки во борбата против ова зло што не снајде. Се разбира дека некои од тие одлуки ми се нелогични, но сепак мислам дека секоја одлука се носи со консултација на екперти од областа, постои кризна група која заседава и едноставно мислам дека е сега најдобро да им се даде поддршка и да им се верува. Имам ли јас авторитарна свест, според мене не, а за некого очигледно да. Она што јас го гледам за сега е дека мерките се реакција на не(дисциплината) на одредена група граѓани, а се со цел да се превенира колапс на здравствениот систем и да се заштити колективното здравје. Не сум убеден дека техничката влада има авторитарна тенденција, а и колку и да сум против една политичка партија, во случајов мислам дека дури е и добро што имаме влада (техничка) со скоро сите партии вклучени во неа.

Ајде ако веќе се повикуваме на меѓународното право, да видиме што тоа прави нашата влада/држава а не е во согласност со исотото.

Во Уставот на Република Северна Македонија, Член 27 е наведено: „ Секој граѓанин на Република Македонија има право слободно да се движи на

територијата на Републиката и слободно да го избира местото на своето живеалиште. Секој граѓанин има право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката. Остварувањето на овие права може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или ЗАШТИТА НА ЗДРАВЈЕТО НА ЛУЃЕТО“.

Член 39 од уставот на РСМ вели: „ На секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го ЧУВА И УНАПРЕДУВА СОПСТВЕНОТО ЗДРАВЈЕ И ЗДРАВЈЕТО НА ДРУГИТЕ“.

Член 54:„ Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или ВОНРЕДНА СОСТОЈБА според одредбите на Уставот.

Член 125: „ Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или ЕПИДЕМИИ.

Од друга страна, во Меѓународна конвенција за граѓански и политички права, усвоена од страна на Обединетите Нации на 19 Декември 1966 е наведено (не знам дали има надградба на овој член од конвенцијата):

Член 12: 1. „Секој легален граѓанин на државата има право внатре територијата на државата на слобода на движење и слобода на избор на место на живеење“. 2. „Секој треба да е слободен да ја напушти било која држава вклучувајќи ја и неговата“. 3. „Горенаведените права не смеат да бидат предмет на никакви рестрикции, ОСВЕН тие што се определени со закон и се неопходни да ја заштитат националната безбедност, јавниот ред, ЈАВНОТО ЗДРАВЈЕ или правата и слободите на другите и се конзистентни со другите права препознаени со Конвенцијата“. – ПРАВОТО НА СЛОБОДА НА ДВИЖЕЊЕ ВО СЕГАШНАТА СИТУАЦИЈА Е ЛИМИТИРАНО ЗАТОА ШТО ПРЕТСТАВУВА ЗАГРОЗУВАЊЕ НА ЈАВНОТО ЗДРАВЈЕ.

Член 18: 1. „Секој има право на слобода на мисла, размислување, религија….и манифестирање на истата….“. 3. „Слободата на манифестација на религијата или убедувањата може да бидат предмет на лимитирање/рестрикција само ако се определени со закон и се неопходни да ги заштитат јавната безбедност, ред и ЗДРАВЈЕ или фундаменатлните права и словоди на другите“. ОДЕЊЕ ВО ЦРКВА И ЏАМИЈА ВО ОВАА СИТУАЦИЈА ПРЕСТСТАВУВА ЗАГРОЗУВАЊЕ НА ЈАВНОТО ЗДРАВЈЕ И ЗДРАВЈЕТО НА ДРУГИТЕ.

Член 19: 1. „Секој има право на свое мислење..“. 2. „Секој има право на слобода на експресија; ова право вклучува слобода на барање, добивање на информации и идеи од секаков вид, дали орално или писмено, во форма на уметност или преку други медиуми по свој избор“. 3. „Уживањето на правата препишани со под-член 2 од овој Член со себе носи и посебни задачи и одговорности и затоа може да бидат предмет на рестрикција само доколку е определена со закон и неопходна за а) Почитување на правата и репутацијата на другите и б) Заштита на националната безбедност, јавниот ред или ЈАВНОТО ЗДРАВЈЕ“. – ДАВАЊЕТО И ШИРЕЊЕТО ЛАЖНИ ИНФОРМАЦИИ МОЖАТ ДА ПРИДОНЕСАТ ЗА ШИРЕЊЕ НА ПАНИКА И СО ТОА ДА ГО ЗАГРОЗАТ ЈАВНОТО ЗДРАВЈЕ НА ЛУЃЕТО.

Член 22 се однесува на јавните собири со истите рестрикции при загрозување на јавното здравје. – ГРУПИРАЊЕ ВО ПОГОЛЕМИ ГРУПИ ГО ЗАГРОЗУВА ЈАВНОТО ЗДРАВЈЕ НА ДРУГИТЕ.

Јас навистина не гледам дека државата, односно моменталната власт прави нешто надвор од уставните овластувања или меѓународните норми. Рестрикциите и моменталната „суспензија на демократијата“ ќе важат додека трае вонредната состојба, можеби ќе бидат уште поригорозни, а може ќе се ублажат, во зависност од прогресот во борбата против вирусот. Сепак сите ние треба да бидеме внимателни и тука се сложувааме сите и да ја контролираме државата да не ги пречекори овластувањата кои моментално ги има. Доколку тоа се случи, нашата реакција треба да биде жестока. Верувам дека сите сакаат оваа ситуација што побрзо да заврши без разлика на различните мислења во врска со мерките, сепак мислам дека пред да се дадат некои ставови би било добро прво секој за себе искрено да си одговори на следниве прашања:

Ги воведува ли државата мерките зашто сака или зашто мора,  и дали со цел заштита на здравјето на граѓаните.

Дали мерките се во согласност со уставот и меѓународното право.

Дали власта покажува тенденции кон авторитарност.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот