Документарци на значајни бугарски автори се прикажуваат во Кинотеката во Скопје

Филмската селекција опфаќа десет документарни филмови од поновата бугарска продукција

Во Кинотеката во Скопје од 21 до 27 јуни се одржува Недела на бугарски документарни филмови, во чии рамки може да се проследат десет краткометражни и долгометражни наслови.

Во седумте вечери посветени на авторите од новиот документаристички бран на бугарската кинематографија, како и класичните автори, може да се проследат десет краткометражни и долгометражни наслови.

Автори на селектираните филмови се Станислав Дончев, Јордан Тодоров, Борислав Колев, Андреј Паунов, Светослав Стојанов, Коста Биков, Тонислав Христов, Елдора Трајкова, Панчо Цанков и Анри Кулев.

Продуцентката Мартичка Божилова, сценаристката Петја Александрова и филмскиот критичар и историчар на филмот Росен Спасов се гости на оваа кинотечна програма и публиката има можност да разговара со нив по проекциите на филмовите.

Петја Александрова е филмски, медиумски и уметнички критичар, историчар и теоретичар, професор на Нов бугарски универзитет. Работела како уредник во радио и телевизија, и во неколку весници. Авторка е на четири монографии, бројни публикации во специјализираниот и во периодичниот печат, сценарија за телевизиски емисии и за документарни филмови.

Росен Спасов (Софија, 1987 година) во 2017 година докторирал на Институтот за уметностите при Бугарската академија на науките. Филмски експерт е во Одделот за меѓународни односи на Бугарскиот национален филмски архив. Активно пишува филмска критика за широк спектар на печатени и онлајн медиуми; автор е на книгата „Целулоид, целулоза и облаци: Трансмедијални предизвици за филмската критика во Бугарија (1989 – 2021)“. Продуценира и режира независни документарни филмови. Член е на Сојузот на бугарските филмаџии, Бугарскиот сојуз на новинари и ФИПРЕСЦИ.

Мартичка Божилова е филмски продуцент и сопственичка на продуцентската фирма „Агитпроп“, а во оваа ретроспектива е застапена со повеќе филмови. Со филмот „Не допирај ме“ во режија на Адина Пинтиле (неодамна прикажан во Кинотеката во рамките на Неделата на романски филм) ја добива Златната мечка на фестивалот во Берлин.

Селекцијата на документарни филмови од Бугарија ги опфаќа „Стражарите на нашата совест“ (2021, 62 мин., колор) во режија на Станислав Дончев по сценарио на Петја Александрова и Теодора Стоилова-Дончева; „Сонувам музика“ (1983, 37 мин., колор) во режија на Анри Кулев по сценарио на Борис Христов; „Есенски“ (1982, 4 мин., колор) со сценарио и режија на Панчо Цанков; „За луѓето и мечките“ (1996, 54 мин., колор) во режија на Елдора Трајкова по сценарио на Асен Владимиров; „Тато снима ’мрсни‘ филмови“ (Бугарија / Германија, 2011, 58 мин., колор) со сценарио и режија на Јордан Тодоров; „Стоичков“ (2012, 57 мин., колор) со сценарио и режија на Борислав Колев; „Проблемот со комарците и други истории“ (Бугарија / Германија, 2007, 100 мин., колор) во режија на Андреј Паунов по сценарио на Лилија Топузова; „Последните пирати од Црното море“ (2013, 72 мин., колор) во режија на Светослав Стојанов по сценарио на Вања Рајнова; „Граѓанинот Филм“ (2014, 81 мин., црно-бел/колор) со сценарио и режија на Коста Биков; и „Добриот поштар“ (Финска / Бугарија, 2016, 80 мин., колор) во режија на Тонислав Христов по сценарио на Тонислав Христов и Љубомир Цветков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот