Договорен е откуп на над 26 илјади тони „жолто злато“, се очекува добaр род

фото: МИА

Минатата година беа зголемени и површините на засаден тутун за 1.453 хектари, а има нови 1.800 договори со тутунарите

Тутунопроизводителите започнаа со бербата на тутунот. Годинава со откупувачите е договорено производство од околу 26 400 тони, што е повеќе од лани и повторно се очекува добра година. Минатата година беа зголемени и површините на засаден тутун, за 1.453 хектари, а има нови 1.800 договори со тутунарите, објави ТВ Тера. Во 2022 година за првпат немаше протести и револт кај овие земјоделци, бидејќи беше постигната рекордна откупна цена од 290 денари за килограм тутун и околу 80 проценти од предадениот тутун беше проценет како прва класа.

На околу 16.000 тутунари за ланскиот род им беа префрлени 26 милиони евра на име субвенции. Висината на директните плаќања изнесуваше 80 денари по килограм за прва класа произведен и предаден тутун, 70 денари во втора класа и 60 денари за трета класа од реколтата 2022 година. Вкупната вредност на предадениот тутун изнесуваше околу 100 милиони евра.

Министерот Љупчо Николовски истакна дека ваквиот успех на квалитетот, зголемената откупна цена и потпишаните договори се должи на политиките, мерките и моделот на субвенционирање во изминатите години.

-Имавме година и со одличен квалитет на тутун, што исто така е резултат на развојниот модел на субвенции, којшто храбро го донесовме 2018 година. Тоа придонесе 80 проценти од тутунот од реколтата од 2022 година да биде произведен по квалитет од прва класа – претходно посочи Николовски.

Според претседателот на Сојузот на земјоделските здруженија, Менде Стомнарoски, тутунопроизводителите ги очекува добра производна година, иако се многу зависи и од временските услови.

-Само исплатливоста може да ги привлече помладите генерации да го садат тутунот – изјави Стомнароски при садењето на годинашната реколта на тутун.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот