Доброто сакано јавно здравство

Сето она што не се правеше со години, сега се ветува – ќе се инвестира во болници, во медицински персонал, во опрема и логистика… Кога се пребројуваат заразените и починатите, почнаа да се пребројуваат и медицинските сестри и лекарите и возачите и другиот персонал.

Нема ништо џабе. Нема вересија. Нема – нема проблем, ќе донесете утре, ќе ви запишам, ќе запамтам, ќе ми должите. „Памти, па врати“ се користи само кај раскараните поединци или групи или во најблага форма закрвените соседи кои си го префрлаат ѓубрето едни на други преку оградите во дворовите или во кантите за отпадоци( нема тука наше, мојата канта е моја и само моја и за моето ѓубре) или кај измамен/изигран субјект на работа, дома или во животот, ама тоа веќе води во други води… Зборот ми беше, тука, додека не изброите до последно пени, нема купување. Нема. Ќе ве чекаат трпеливо додека вие  прво самоуверено барате низ паричникот, потоа низ чантата или  ако сте налик на мене, ќе ја брцнете раката до лакт, ќе пробуричкате низ дното, ќе извадите еден куп дрндупки, ама освен еден одамна заборавен црвен кармин ( ковид колатерала цирка јануари 2019та) пени нема да најдете и тогаш ќе почне да ви станува незгодно. Зад вас главно трпеливите Енглези навикнати на редици и чекање, како да ги подзагубиле убавите навики па ве стрелаат со погледи, а една која ги памти и повоените редици (оние од Втората, од Првата веќе, за жал, нема) промрморува од третиот ред, ама доволно гласно да ја слушнат и на каса број 6- ајде бе девојче, остаревме чекајќи…

Ако дочекате 60 години

Немате пени, немате пазар. Една од ретките „добри“ работи со ковидот е тоа што сите се фрливме на плаќање со картички, па некни дури и 99 пени платив со платежна, но  во оваа земја во која ништо нема беспари и во која те чекаат да најдеш пени за да си го земеш купеното од продавница,  здравството е – бесплатно. Добро, тука во Англија за лековите плаќаме (да живеевме во Шкотска, Велс или во Северна Ирска немаше ни за тоа – таму и тие се бесплатни), но ако дочекате 60 години, нема плаќање ниту за лекови, ниту за превоз. Но, настрана парите кои не ги плаќаме, јавното здравство, вака така, се грижи за нас.

А често е  критикувано, и тоа од два вида луѓе. Првите се здодевни, но безопасни. Тоа се  оние навикнати да не чекаат и работите да се завршуваат преку „пријатели и познати“, па сега ако мора да закажуваат треба и да чекаат, некогаш со денови, со недели, а за некои операции и со месеци. Некогаш го менуваат мислењето, главно кога ќе мора да одат во болница, зашто тука, ако еднаш влезете во болница, ако не ве дијагностицираат и не ве излечат или не ви дадат соодветна терапија, вака или онака, нема излегување. Вторите се опасни, и тоа по живот, и за јавното здравство и воопшто. Тоа се оние кои во британското јавно здравство, почитувана  и многу сакана  институција гледаат како на одличен бизнис кој треба да се подели, распарчи, продаде и да се направи што е можно повеќе профит. Беше јавна тајна дека бившиот американски претседател Доналд Трамп, кога беше во посета на Обединетото Кралство, изрази заинтересираност американскиот бизнис да купи делови од британскиот национален јавен сервис. Да, да, тоа е истиот оној за кој нашиот премиер рече дека не гледа никаков проблем да биде кандидат за Нобелова награда за мир.

Со оглед на големата Трампова непопуларност во земјата ( освен, се разбира, во кругот на премиерот Борис Џонсон, со кого се „на ти“ и „први другари“ и  Трамп го вика Борис оти му го знае името) ова беше дочекано „на нож“ од јавноста, па кутриот БоЏо мораше да демантира дека нема да го чепка јавното здравство. Што, со оглед на фактот дека вистината не му е посилната страна, немаше да се случи, ама се случи ковидот, па преку ноќ осиромашеното и со години неинвестирано јавно здравство стана главната ѕвезда светилка  на конзервативците, да ги вади од кризата за која, делумно, самите придонесоа. Сето она што не се правеше со години, сега се ветува – ќе се инвестира во болници, во медицински персонал, во опрема и логистика… Кога се пребројуваат заразените и починатите, почнаа да се пребројуваат и медицинските сестри и лекарите и возачите и другиот персонал кои на нос паѓаат од умор зашто нема кој да ги замени, леглата во болниците кои нема кој да ги опслужува. Патем, за Нобеловата на Трамп, до денешен ден, и покрај настаните во Конгресот, премиерот не се изјасни…

Јунакот во земјата

Доброто старо јавно здравство, јунакот во земјата. Кој ве вика на прегледи со писмо на 20 јазици кои се зборуваат во Лондон, а ќе ви обезбеди и преведувач ако до толку не знаете да гукнете англиски. Кој ве кани на вакцинирање од раѓање до стотка. Се грижи за мајките и бебињата и децата и го следи нивниот развој до адолесценција. Кој ви обезбедува рехабилитација по повредите. Кој ве вика на мамограми и на пап-тестови секои три години и ви ја контролира простатата и дебелото црево. Ви нуди курсеви за слабеење, за вежбање, за престанување на пушење, за чистење уши, за одвикнување од наркотични средства, ви препорачува специјални диети ,односно исхрана за поквалитетен живот… И сето тоа и уште друго и за – беспари. Добро, сите плаќаме преку даноци, ама на каса не даваме ни пени.

Се разбира, има и приватно здравство. Кое е исто така добро. Каде што нема чекање. Каде што пациентите се по еден во соба. Каде што храната е поквалитетна, а сестрите се понаспиени. Каде што често работат како специјалисти оние кои работат во јавното здравство. Ама сето тоа се плаќа. Поприлично. Дури и лековите во нивните, приватни аптеки.

Кармата е интересна работа. Добро, обично се вели друго, ама ако кажам друго ќе биде безобразно, па ќе останеме на – интересна работа. Откако ја виде „светлината на крајот на тунелот“, односно откако беше излекуван во државна, а не во приватна болница  од ковид-19, и премиерот стана „просветлен“  за важноста о квалитетот на јавното здравство.

Сите активности околу лекување и вакцинирање, нормално, одат преку јавното здравство. Мислам дека после ова, со години, ама како години, со децении тука никому на крај на памет нема да му падне рака да стави врз него. И за оваа, но и за секоја наредна влада, ќе биде многу опасно, ако не и погубно, да „ си игра играчки“ со нешто што луѓето го сакаат и ценат, не само во време на криза, туку и воопшто. Велат, Британците имаат главно три симболи кои им се во традицијата. Јавното здравство, Круната и Би-Би-Си. Додека вториве две од време на  време трпат  критики и се бара нивна трансформација, јавното здравство опстојува и во време како денешното. Кога дише на респиратор, ама дише, ослободено од ногата која едно време ја држеа на доводот за кислород.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот