Дискретниот шарм на експертите

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Може да се разбере барањето на Мицкоски за воведување полициски час. Тоа е нешто што постојано „виси во воздух“ како можност, а со оглед на депресивниот и опасен развој на настаните со ширењето на епидемијата, неговиот став по ова прашање е сосема легитимен.

Од политички аспект погледнато, ако Владата продолжи да инсистира дека од такви заострени мерки нема потреба, опозицијата секогаш ќе може да каже (а тоа и сега го прави) дека секој смртен случај треба да се припише на „неодговорноста“ на власта; доколку, пак, Владата реши во некоја блиска иднина да воведе полициски час, опозицијата лесно ќе поентира дека, да ги послушале порано, многу животи ќе биле спасени. Како и да се заврти, зијан од ова барање за опозиционерите нема.

На тоа се надоврзува второто барање на Мицкоски: формирање стручна ковид-комисија. Сака да каже, сегашниве здравствени инстанции се нестручни, а новата стручна ковид-комисија би имала за задача да воведе полициски час.

Бидејќи таква комисија Владата не покажува знаци дека би прифатила – на страна што здравствените експерти на опозицијата немаат ништо поимпресивни квалификации од овие кои сега ја кројат здравствената политика, освен што некои од нив се решително против заострување на мерките – ова барање на Мицкоски е само политичка реторика за „товарењето“ на поентата дека целата одговорност за здравствената состојба паѓа врз власта. Како што и прилега.

Третото барање е, всушност, компромитација на првите две: итно да се формира експертска влада. Тоа би значело пад на власта без формирање ново мнозинство во Собранието, што е, разбирливо, сон на секоја опозиција!

Но, во моментов, доволен е само еден аргумент што го разоткрива лицемерието на ваквото барање: доколку опозицијата искрено е загрижена за „драматичните состојби“ во земјата, зошто не прифаќа онлајн работа на Собранието за да се помогне во надминувањето на тие состојби? Зошто тој „технички“ напор на опозицијата би требало да е предмет на политички „пазар“, условување, уцена, ако загриженоста е искрена? Нели е и тоа одговорен придонес во намалувањето на шансите за ширење на заразата?!

Според тоа, кога ќе ги искомбинирате трите барања на Мицкоски, нормално е што лошата здравствена состојба во земјата е главна тема за критика од опозицијата кон власта; како што е нормално што власта ја квалификува оваа опозициска стратегија како „колку полошо за земјата, толку подобро за опозицијата“ – и ни јота повеќе од тоа!

Ах, таа македонска импресионираност со „експерти“! Тоа токму ми личи на прочуениот, компликуван, филм на Луис Буњуел, од кој е позајмен насловот на оваа колумна („Дискретниот шарм на буржоазијата“, 1972), во кој една група пријатели („експерти“) никако не успеваат да вечераат заедно, поминувајќи низ кошмарните перипетии на главните ликови кои запаѓаат од една во друга неволја, за сите, на крајот, да завршат трагично во сонот на еден од протагонистите во филмот. Таман сценарио за македонска експертска влада!

Впрочем, доколку „експертскиот модел“ на власт е пригоден за решавање на кризите, не е ли логично, за пример, опозицијата тоа да го испроба прво на себе: заради длабоката криза во ВМРО-ДПМНЕ, сегашното раководство итно да воведе „полициски час“ за сите внатрепартиски активности, па да формира стручна и партиски независна комисија која објективно би ја снимила состојбата во партијата, а до свикувањето на вонреден конгрес, раководството на чело со Мицкоски да се распушти и да легитимира експертско тело што ќе овозможи бирање на нова партиска власт?

Можеби едно такво експертско тело ќе предложи новиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ да се бира на општи избори, од страна на сите членови на партијата?

Е, кога Мицкоски би ја имал зад себе тежината на таквиот силен морален императив, неговата критика кон власта би ја натфрлила портал-пропагандата наменета за внатрепартиската база што него го поддржува. Вака, на која тема и да зборува, ехото на таа политика завршува до излезот на Белата палата, а веќе на тротоарот звучи како обично дневно политикантство.

Преземено од: ЦИВИЛ Медиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот