Дигитални глувци

ана анастасовска
Ана Анастасовска. / Фото: Слободен печат

Многу од родителите велат дека децата повеќе не излегуваат надвор да се дружат со своите врсници. Не се гледаат на училиште, немаат никаква комуникација. И какви генерации создаваме ние? Асоцијални, отуѓени, себични, дигитализирани глувчиња.

Родителите од граѓанската иницијатива „Настава и учебници мора да има“ не се откажуваат од идејата за промена на Законот за учебници, а одат и чекор понатаму – сакаат да собираат потписи за референдум, на кој граѓаните ќе можат да се изјаснат дали се „за“ или „против“ промените во образованието. Револтот на родителите, но и наставниците, расте од ден на ден, и тоа пред се поради игнорантскиот однос на министерката за образование Мила Царовска, која не сака да ги слушне нивните мислења и оди со глава во ѕид во обидот да ги спроведе реформите.

А што ќе донесат овие реформи? Тоа уште никој не го знае. Ги слушаме само нејасните изјави на Царовска кои се менуваат постојано. Де ќе имало само дигитални учебници, а сите деца ќе добиеле
таблети, па и дигитална библиотека во училиштата од каде ќе можат да ги преземаат учебниците. Потоа беше дека таблети ќе добиеле само социјално загрозените семејства. Па следеше фамозната изјава – кој нема таблет, ќе треба да си ги отпечати учебниците. Веднаш потоа Царовска се премисли, па рече дека обврска на училиштата ќе биде да им ги отпечатат учебниците на децата. Најново е дека, покрај дигитални, ќе имало и хартиени учебници. И така во круг.

Целата јавна дебата се сведе на формата на учебникот од кој децата ќе учат. Но она што загрижува повеќе е какви се тие реформи во образованието, што ќе учат нашите деца, каква ќе биде содржина на дигиталните учебници? Тоа, верувајте, ни самите наставници не го знаат, иако, нели, според Царовска биле вклучени во разговорите за реформите.

Друга работа, која исто така многу загрижува, е прашањето: има ли оваа Влада, и особено министерката Царовска, план како ќе се одвива наставата на децата од следната учебна година и дали таа ќе почне од септември или повторно ќе задоцни еден месец со стартот? Што понатаму со нашите деца? Изминатава година им пропадна, останаа дома да следат онлајн-настава.

Националната платформа никогаш не профункционира, часовите се одржуваат на „Тимс“, а што научија децата? Научија како да препишуваат, како да им снемува интернет кога имаат тест, како да им се закочат камерата и микрофонот кога имаат испрашување. Како да ги „мјутнат“ наставниците и да го „ливнат“ часот кога ќе им загусти. Научија како да не учат. И не ги обвинувам. Тоа им го овозможи онлајн-наставата. Свесни се и наставниците и професорите, свесни се и децата, дека оваа година им пропадна и дека останаа без знаење.

Да не зборуваме за социјалната дистанца. Знаете колку децата се отуѓија едни од други минатата година? Многу од родителите коментираат дека децата повеќе не излегуваат надвор да се дружат со своите врсници. Не се гледаат на училиште, немаат никаква комуникација. И какви генерации создаваме ние? Асоцијални, отуѓени, себични, дигитализирани глувчиња. Зошто? Затоа што тоа било модерно, целиот свет се движел натака Децата под итно мора да се вратат во училишните клупи. Контактот со другарчињата и со наставниците е неопходен за нивниот личен развој. Дали
ќе учат од таблет, од хартиен учебник или од принтани страници, воопшто не е битно. Она што е важно е министерката Царовска под итно да направи план за враќање во училишните клупи,
да се фати рака под рака со градоначалниците и да види во кои училишта што и како недостига за да може наставата од септември да се реализира со физичко присуство. Да се направи план.

Најлесно е да кажете нема услови, нека останат дома, нека бидат во чекор со времето и нека следат онлајн-настава. Вие фатете се за она потешкото, направете услови децата да се вратат во нормала.
Бидејќи изгубените години никој нема да може да им ги врати

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот