Деветмина судии ја кројат иднината на интернетот и социјалните мрежи

Беатриз Гонзалес и Хозе Хернандез, мајката и очувот на Нохеми, заедно со адвокатот Шнапер пред Врховниот суд - Фотографија ЕПА, Шон Тју

Семејство на жртва на напад на ИД го тужи Јутјуб дека „помогнал и охрабрил“ терористичка група, препорачувајќи ги нејзините содржини на корисниците, но платформата тврди дека нема никаква одговорност согласно закон од 1996 година.

Пресудите на Врховниот суд на САД за две тужби може да ги ограничат содржините што се споделуваат на социјалните мрежи, па и од темел да го променат целиот интернет.

Деветте судии од Врховниот суд до јуни ќе треба да се произнесат за две тужби на граѓани против информатичките гиганти – случаите „Нохеми против Гугл“ и „Тамнех против Твитер“.

Семејството на Нохеми Гонзалес, 23-годишна американска студентка убиена од членови на групата Исламска држава при терористичкиот напад во Париз во 2015 година, го тужи Јутјуб, односно неговиот сопственик Гугл, дека „ѝ помогнал и ја охрабрил“ терористичката група, препорачувајќи ги нејзините видео-снимки на корисниците.

Правната служба на компанијата „Гугл“ се брани дека гигантот нема никаква одговорност, согласно закон од 1996 година. Членот 230 од Законот за чесна комуникација ги заштитува интернет компаниите од одговорност за содржината споделена од трети страни на нивните платформи. Законот усвоен пред 27 години исто така им дава право на компаниите да отстрануваат содржини за кои ќе оценат дека ги нарушуваат правилата на платформата.

Врховниот суд вчера го слушнаа тричасовното претставување аргументи од адвокатите на семејството на Нохеми Гонзалес, од Гугл и од владини експерти. На деветтемина судии сега им преостанува да донесат пресуда што ќе ги дефинираат рамките во кои важи Членот 230. Пресудата ќе реши дали Јутјуб, Твитер и Фејсбук се одговорни кога нивните алгоритми сервираат информации до корисниците.

Судиите истакнале дека ја разбираат својата одговорност, бидејќи пресудата во полза на семејството Гонзалес би поттикнало лавина тужби против големите информатички компании.

Два пониски суда пресудија дека Гугл е заштитен со Членот 230. Одлуката на највисоката судска инстанца ќе биде конечна и ќе послужи како модел за решавање на слични спорови во иднина.

– Создавате универзум од тужби. Во секое време има содржини што може да бидат предмет на тужба – предупреди либералната судијка Елена Каган.

И конзервативецот Брет Кавано изразил загриженост дека било каква пресуда што би ја ограничила заштитата на фирмите „би ја урнала дигиталната економија“. Конзервативецот Семјуел Алито и либералот Кетанџи Браун Џексон признале дека биле збунети од аргументите што ги претставил тимот на Гонзалес. Тие забележале дека на нивната пресуда ќе се повикува за најразлични случаи „од рецепти за пилав до Узбекистан“.

– Нема да запираат тужби, забележал Кавано.

Ерик Шнапер, адвокат на семејството Гонзалес, сепак тврди дека пресудата нема да има толку широко влијание, бидејќи спорниот Член 230 нема да биде поништен, туку само ограничен на тероризам и случаи со слична тежина.

Судиите побарале од Шнапер да разјасни како да се третираат алгоритмите што им препорачуваат содржини на корисниците, бидејќи ист алгоритам препорачува и рецепт за пилав и содржина што може да се протолкува како терористичка пропаганда. Судијката Еми Кони Берет барала појаснување дали и корисниците може да бидат правно загрозени од ограничувањето на заштитата на Јутјуб и сличните платформи. Членот 230 експлицитно отфрла каква било одговорност за корисниците, кои сега со разни алатки на платформата можат лично да споделат или да препорачаат содржина од трети партии, вклучувајќи и спорни содржини. Шнапер одговорил дека и корисникот што лично споделил спорна содржина би бил делумно одговорен.

Лиза Блат, адвокатката на Гугл, пред судиите истакнала дека законот од 1996 година имал клучна улога за подемот на интернетот и на информатичката технологија воопшто.

– Ако секој можеше да тужи за што било, интернетот воопшто нема да станеше она што е сега – оцени Блат. На прашањето „дали Гугл и интернетот ќе бидат уништен од тужби“, Блат одговорила дека информатичкиот гигант веројатно ќе ги издржи нападите, но помалите може да бидат затворени.

Денеска, пак, Врховниот суд ги слуша завршните излагања за случајот „Тамнех против Твитер“, во кој треба да пресудат дали социјалните медиуми може да бидат тужени за ширење тероризам преку споделување материјали од терористички групи. Овој случај не се повикува на Членот 230 од Законот за чесна комуникација, туку на Антитерористичкиот закон. Иако овој случај се повикува на друг закон, содржините на тужбите се слични и многу аргументи може да помогнат за одлуките за двата случаи. Пресудите од Врховниот суд за двата случаи се очекуваат во јуни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот