Демографските промени не се кризи, туку можности

Алана Армитаж
Алана Армитаж, директорка на Регионалната канцеларија на Фондот за население на Обединетите нации - УНФПА за Источна Европа и за Централна Азија, Фото: УНФПА

Време е зад себе да се остави наративот за вознемиреност и пропаст што толку долго доминира во дискурсот и на демографските промени да се погледне како на можност за изградба на поинклузивни, поразновидни и, конечно, посилни и попросперитетни општества.

Европа се наоѓа среде демографска транзиција со далекусежни последици. Луѓето имаат сѐ помалку деца и живеат подолг и поздрав живот. Голем број од нив постојано се во потрага по подобри можности.

Како резултат на тоа, населението на Европа брзо старее. Во моментов секој четврти Европеец има 60 години или повеќе. До 2050 година повеќе од една третина од населението на континентот ќе биде во таа возрасна група.

Некои популации почнаа да се намалуваат. Ова најмногу се случува во Централна и во Источна Европа, каде што стапката на фертилитет е особено ниска и каде што голем број лица ги напуштаат своите земји за да работат на друго место, додека, пак, владите не беа во можност – или не сакаа – да привлечат имигранти.

Овие демографски промени често се прикажуваат како криза. Меѓутоа, основните фактори кои ги поттикнуваат овие промени се, на многу начини, причини за славење. Населението старее бидејќи луѓето се поздрави и живеат подолго. Стапката на фертилитет е пониска и затоа што жените се повеќе вклучени во одлуките и имаат повеќе избори и повеќе можности. Исто така, бројот на населението на некои места се намалува бидејќи луѓето имаат поголема слобода да изберат каде сакаат да живеат и да работат.

Сепак, справувањето со ефектите од демографските промени не е лесно. Сè помалку и помалку работоспособни лица треба да обезбедат средства за сè поголем број постари лица. Социјалните системи се под огромен притисок. Исто така, одржувањето на инфраструктурата и на услугите во поретко населените рурални региони е многу скапо.

Тоа не се егзистенцијални закани, туку предизвици што бараат решенија. Добрата вест е дека постои растечки консензус за тоа што функционира во справувањето со ефектите од демографските промени, а што не.

Голем дел од фокусот, особено во Источна Европа, беше ставен на зголемувањето на стапката на фертилитет, додека, пак, владите се обидоа да обезбедат финансиски стимулации за да ги охрабрат луѓето да имаат повеќе деца. Доказите што ги имаме укажуваат на тоа дека ова не функционира многу добро: наталитетот може привремено да се зголеми, меѓутоа, генерално кажано, бројот на деца што жените ги имаат во текот на нивниот живот ретко се менува. Дури и таму каде што стапката на фертилитет се зголемува, промените се мали, а ниту една земја во Европа, дури ни оние што најголемиот процент од својот БДП го инвестираат за поддршка на семејството, не се приближиле до стапка што ќе обезбеди стабилизирање на бројот на населението, а не пак раст.

Ова не значи дека не се препорачува поддршка за семејствата. Напротив, паметните мерки што на младите им го олеснуваат основањето семејство се од суштинско значење за на луѓето да им се овозможи да имаат онолку деца колку што ќе посакаат. Ова бара отстранување на големиот број бариери со кои луѓето се соочуваат кога донесуваат одлуки во врска со децата: економски несигурности, високи трошоци за сместување, пораст на стапката на инфертилитет, недостиг на прифатлива грижа за децата и очекување жените да направат компромис за нивните кариери и сами да го носат товарот за грижата.

Она што функционира, во поширока смисла, во справувањето со демографските промени е составувањето на сеопфатен пакет политики што се фокусирани на луѓето и цврсто втемелени на докази и кои се однесуваат на големиот број социјални, економски, политички и културолошки фактори, кои влијаат врз одлуките и изборот на луѓето за нивните животи и иднини.

Притоа, доколку ова се направи правилно, демографските промени може да отворат можности за иновации кои можат да ги катапултираат земјите кон попросперитетна иднина. Во Централна и во Источна Европа некои места, како Клуж во Романија или Белград во Србија, се појавија како главни центри за технолошката индустрија, притоа привлекувајќи таленти од земјата и од странство.

Низ цела Европа, како резултат на пандемијата со ковид-19, мигрантите се вратија во своите домови, носејќи со себе вредни вештини, знаење и мрежи. Руралните области доживуваат заживување бидејќи дигиталните номади тргнуваат во потрага по позелени животи без стрес и кои се попријателски за семејството. Владите експериментираат со начините на кои би можеле да го искористат придонесот на постарите лица и подобро да ги интегрираат во економијата и во општеството. И пошироко да се отворат пазарите на трудот и јавниот живот – за жените, малцинствата и другите маргинализирани групи – искористувајќи ги досега недоволно искористените ресурси. Сето ова придонесува земјите да бидат поспособни да се справат со демографските предизвици.

УНФПА, заедно со Владата на Бугарија, ги обединуваат владите и лидерите од цела Европа на конференција на високо ниво, што ќе се одржи денеска и утре (1 и 2 декември 2021 година) во Софија, Бугарија, со цел да разговараат за иновативни решенија и да ја иницираат Декадата на демографска отпорност.

Се надеваме дека оваа конференција ќе биде пресвртница во напорите на Европа да ја оформува својата демографска иднина и да изнајде патишта за земјите да напредуваат во услови на брзи демографски промени.

Време е зад себе да се остави наративот за вознемиреност и пропаст што толку долго доминира во дискурсот, и на демографските промени да се погледне како на можност за изградба на поинклузивни, поразновидни и, конечно, посилни и попросперитетни општества.

 

(Авторката е директорка на Регионалната канцеларија на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА за Источна Европа и за Централна Азија)

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот