
Дали тишината по оружјето значи траен мир во Газа?
Вчера во Тел Авив се слушнаа извици „Нобелова награда за Трамп“ откако американскиот претседател објави дека Израел и Хамас се согласиле да ја спроведат првата фаза од неговиот мировен план. Според првичните извештаи на повеќето светски медиумски куќи, мировниот план на Трам во пракса значи дека сите заложници ќе бидат ослободени многу наскоро, а Израел ќе ги повлече своите трупи на договорените линии како први чекори кон силен, траен и вечен мир. Ова всушност и го најави самиот Трамп со објава на неговата социјална мрежа.
Препорачано
Ова е голем ден за арапскиот и муслиманскиот свет, Израел и САД. Им се заблагодаруваме на медијаторите од Катар, Египет и Турција за нивната соработка. Блажени се миротворците“, напиша Доналд Трамп на социјалните медиуми.
Потоа тој изјави за Фокс њуз дека очекува заложниците што ги држи Хамас во Газа да бидат ослободени во понеделник, додавајќи дека неговиот зет Џаред Кушнер, специјалниот пратеник Стив Виткоф, државниот секретар Марко Рубио и потпретседателот на САД Џеј Ди Венс биле инструментални во спроведувањето на планот.
„Целиот свет се собра околу овој договор. Многу земји ги испратија своите најдобри желби преку телеграма“, рече шефот на Белата куќа, додавајќи дека не станува збор само за Газа, туку за мир на Блискиот Исток како целина, не пропуштајќи ја можноста да се стави во првите редови.
Сето ова, објасни тој, немаше да се случи ако американската војска не интервенираше во Иран во текот на летото, земја која, според него, беше само еден месец оддалечена од нуклеарно оружје.
„Да дозволев тоа да се случи, овој договор немаше да биде можен. Или да го дозволев, ќе имав огромен облак над него, бидејќи ќе имавте земја со нуклеарно оружје која очигледно не е многу пријателска“, рече Трамп, но додаде дека верува оти Техеран сега ќе биде вклучен во мировниот процес.
Американскиот претседател, исто така, нагласи дека по првиот дел од мировниот план, Газа ќе биде обновена.
„Ќе биде поинаков свет и богатството ќе се потроши во Газа“, рече Трамп.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху потврди дека свикал состанок на кабинетот за ратификација на договорот, нарекувајќи го „голем ден за Израел“ и заблагодарувајќи му се на Трамп за неговата посветеност на ослободувањето на заложниците.

Хамас потврди дека се согласил со договорот, кој предвидува крај на војната во Газа, повлекување на израелските сили, влез на хуманитарна помош и размена на затвореници.
Портпаролот на Катар, Маџед ал-Ансари, изјави дека е постигнат договор за сите услови и механизми за спроведување на првата фаза од договорот.
Израелската армија започна со повлекување на трупите од Појасот Газа
Според извештаите на израелските власти, ослободувањето на живите заложници се очекува во рок од 72 часа, додека репатријацијата на останките на починатите ќе потрае подолго.
Вчера Израел беше преплавен со чувство на еуфорија, бидејќи многу граѓани се разбудија со веста дека преку ноќ е постигнат договор што би можел да стави крај на двегодишната војна. Некои воопшто не спиеја, залепени за своите телевизори и телефони, следејќи го напредокот на разговорите.

Околу 3 часот наутро во среда навечер, кратко откако беше објавена веста, поранешните заложници кои беа ослободени за време на краткото примирје претходно оваа година се собраа на централниот плоштад во Тел Авив, кој е преименуван во „Плоштад на заложниците“.
Тие се собраа да слават по мачното, повеќемесечно чекање за ослободување на нивните сонародници кои сè уште се држат во Газа.
Огромни билборди со натпис „Ви благодарам, претседателе Трамп“ се појавија по главната улица во Тел Авив, додека во Ерусалим, поранешните заложници им се придружија на толпата верници кои се молеа на Западниот ѕид.
Се чинеше како целата земја конечно да воздивна со олеснување. Семејството на Алон Охел, српско-израелски државјанин, рече дека ја дочекале веста за договорот со солзи радосници.
„Нашето семејство е прегрнато од целиот израелски народ, а ние за возврат го прегрнуваме народот на Израел“, се вели во нивната изјава.
Арапскиот свет застана зад мировниот договор
Од друга страна, Палестинците во Газа исто така беа олеснети кога слушнаа дека Хамас и Израел постигнале договор, но многумина сè уште се прашуваат што тоа ќе значи за нив и за нивната опустошена земја.
Д-р Ахмед ал-Фара, раководител на педијатриското одделение во болницата Насер во Кан Јунис, рече дека вчера нема нови повредени пациенти во израелските напади. Сепак, без оглед на развојот на настаните, тој процени дека болниците во Газа, кои веќе се преоптоварени, ќе останат под огромен притисок.
Тој додаде дека искуството од претходните прекини на огнот во Газа, од кои сите завршија со нови бранови конфликти, го прави претпазлив: „Се надеваме дека ова е вистина и дека војната навистина престанала“.
Кога Хамас започна напад врз Израел во октомври 2023 година, со што започна конфликтот, околу 1.200 Евреи беа убиени, а околу 250 беа земени како заложници. Како одговор, воената кампања на Израел одзеде повеќе од 67.000 палестински животи, според Министерството за здравство на Газа, кое не прави разлика помеѓу борци и цивили, додека војната го претвори голем дел од територијата во урнатини.

Според планот на Трамп, објавен минатиот месец, околу 20 живи израелски заложници ќе бидат разменети за 250 палестински затвореници кои отслужуваат доживотна казна затвор во Израел и 1.700 Палестинци од Газа кои беа заробени за време на војната. Телата на 15 Палестинци ќе бидат вратени во замена за останките од секој израелски заложник.
Планот на Трамп, исто така, предвидува масовен прилив на хуманитарна помош во Газа, каде што меѓународните набљудувачи веќе прогласија „епидемија на глад“.
Но, за мировниот план на Трамп од 20 точки да биде целосно успешен, дипломатите и преговарачите ќе мора да го решат клучното прашање дали Хамас ќе се согласи да се разоружа. Нетанјаху постојано повторува дека нема да прифати никаков договор во кој Хамас одбива да го стори тоа. Но, палестинските милитанти, засега, остануваат неподготвени да се согласат со ваквите барања. А кој ќе ја финансира реконструкцијата и администрацијата на Газа е уште покомплицирано прашање.
Светските лидери го поздравија примирјето
Светските лидери изразуваат надеж и олеснување Лидерите ширум светот го поздравија договорот меѓу Израел и Хамас за размена на израелски заложници за палестински затвореници, наведува Ал Џезира.
Британскиот премиер Кир Стармер го опиша договорот како „момент на длабоко олеснување“ што ќе се „почувствува низ целиот свет“. Тој во изјава рече дека Велика Британија ќе ја поддржи следната фаза од преговорите насочени кон постигнување траен мир и враќање на хуманитарната помош за Газа.

Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека договорот претставува „голема надеж за заложниците и нивните семејства, за Палестинците во Газа и за целиот регион“. Тој додаде дека договорот „мора да го означи крајот на војната и почетокот на политичко решение, засновано на принципот на две држави“.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, чија земја посредуваше во договорот, рече дека е задоволен од договорот и го пофали придонесот на претседателот Трамп.
Египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси, чија земја беше домаќин на разговорите, рече: „Светот е сведок на историски момент што ја отелотворува победата на волјата за мир над логиката на војната“.
Махмуд Абас, претседателот на Палестинската самоуправа, го поздрави договорот и рече: „Се надеваме дека овој напор ќе доведе до трајно политичко решение што ќе ја прекине израелската окупација и ќе воспостави независна палестинска држава во границите од 1967 година, со Источен Ерусалим како нејзин главен град“.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, нагласи дека организацијата целосно го поддржува договорот и ќе помогне во спроведувањето на неговите хуманитарни одредби, додека Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија, рече дека „сите страни сега мора целосно да ги почитуваат условите на договорот“.
Мировниот план на Трамп е поодржлив од претходните примирја затоа што предвидува конкретни и временски дефинирани фази, како ослободување на заложници, повлекување на израелските трупи и масовен прилив на хуманитарна помош. Вклучува меѓународни посредници и поддршка од светските лидери, што додава одговорност и надзор. Планот создава доверба преку директна размена и економски стимул за стабилност, додека јасно дефинираните обврски и мониторинг го намалуваат ризикот од едностран прекин. Сето тоа го прави овој договор со поголеми шанси за траен мир на Блискиот Исток.