Црвениот крст додели волонтерски награди за посебни достигнувања

Волонтерите и волонтерството во секоја држава претставуваат огромен човечки потенцијал што континуирано се мобилизира согласно потребите и поседува релевантно знаење и вештини корисни за заедницата. Вредноста која тие ја создаваат е бесценета бидејќи поседува квалитет збогатен со хуманата димензија на добрата волја, рече денеска Виолета Кузмановска, раководител при Црвениот Крст на Северна Македонија на доделувањето волонтерски награди за посебни достигнувања по повод 5-ти декември, Светскиот ден на волонтерството од страна на Црвен крст на РСМ.

Оваа година добитници на волонтерските награди се Новка Велева од Радовиш, Владо Хаџи-Димов од Велес, и Лулзим Јахоја од Кичево.

Велева е волонтер во Црвениот крст од 2002 година и активно учествува во сите хуманитарни акции, држи предавања на ученици кои понатаму стануваат волонтери. Хаџи-Димов во Црвениот крст е повеќе од 40 години, бил претседателот на Одделот за пушење, алкохолизам и наркоманија, а во два мандата бил и претседател на Комисијата за прва помош. Јахоја е волонтер во Црвениот крст над 15 години, предавач е на прва помош за возачи а бил активен во многу семинари и предавања.

– Волонтер е лице кое се активира во Црвениот крст без финансиски надомест, денес Меѓународното движење на Црвениот крст и Црвената полумесечина има околу 20 милиони волонтери, а Црвениот крст на РСМ 7.000 волонтери на целата територија на нашата држава, кои се вклучени во посебни активности – рече Кузмановска.

Ги спомена ситуациите на битни и кризни состојби како што беа поплавите во изминатите години, каде што беа вклучени волонтери од земјата, а тие учествуваат и во кризни состојби надвор од државата.

– Потврда за нивната несебичност е активирањето во последните настани што се случија во соседна Албанија, со земјотресот од 26 ноември а наши екипи беа вклучени во доставувањето на помош организирана од Црвениот крст на РСМ заедно со претставници од државните институции – рече таа.

Истакна дека Црвениот крст се труди активно да ангажира волонтери без разлика на нивната раса, етничка припадност, пол, вера, хендикеп или возраст, обезбедува соодветно учество на мажи и жени во волонтерските програми на националното друштво за ефикасно обезбедување на услуги и активности за прашања поврзани со родовата застапеност.

Кузмановска посочи дека Црвениот крст обезбедува и обука која ќе му овозможи на волонтерот да ги исполни своите одговорности кон Црвениот крст, специфичната задача или улога за која бил ангажиран да ја спроведе, и било која друга активност при итна состојба која ќе биде побарано да ја спроведе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот