Црногорскиот премиер имал информации дека се подготвува државен удар

Здравко Кривокапиќ, премиер на Црна Гора. / Фото: EPA-EFE/VAIOS CHASIALIS

Во мега-интервју за весникот Нова, црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ се осврнува на бројни прашања поврзани со односите со соседите, црквата, за себе лично и неговото семејство.

За односите со Србија вели дека не е можно да бидат подобри доколку не постои волја од обете страни тие односи да се унапредат. Кривокапиќ вели дека српските провладини медиуми вршат организирана хајка против него, а не заостануваат и дел од црногорските медиуми.

Во Црна Гора функционираат две цркви – Црногорската православна црква која е непризнаена и Српската православна црква која полага право на духовниот живот во земјата. И иако Црна Гора е секуларна држава, овие односи меѓу државата и црквата често пати се испреплетени. Во таа смисла, Кривокапиќ во интервјуто се осврнува на бурните реакции на неговата посета на српската Патријаршија и вели дека во медиумите некој се обидел да го претстави како предавник на Црквата.

Прашан зошто заднината на оваа негова посета на Патријаршијата се толкуваше како обид за државен удар од страна на Белград, премиерот на Црна Гора за весникот Нова вели дека во почетокот не размислувал за тоа, но дека подоцна, кога добил некои информации, се загрижил.

-Се прашав, како е можно еден претседател на влада да доживее вакво нешто. Верувајте, тие информации ги добив од сигурни извори. Бев кај државниот обвинител на негово барање и му кажав што знам. Се надевам дека тоа ќе биде корисно за целото општество, вели Кривокапиќ.

Имено, Кривокапиќ во својство на премиер досега не бил во посета на Србија, но спроти црковниот Сабор тој замина во Белград да ја посети Патријаршијата откако на патријархот Порфириј му најавил дека ќе дојде и во писмо му образложил сѐ во врска со Темелниот договор меѓу СПЦ и Црна Гора. Според Кривокапиќ, тоа некои го доживеале како предавство на Црквата.

-Клучен момент беше кога ми се јави еден лидер на Демократски фронт и ми рече дека нема да биде избран митрополит (за Црна Гора) и дека јас ќе бидам виновен за тоа… Подоцна, токму кога бев во Соборниот храм ми се јавија да ми кажат ако не дојдам во Белград Јоаникиј нема да биде избран за митрополит, вели Кривокапиќ.

Како што појаснува, сите од него очекувале истата вечер да стави потпис на договорот меѓу СПЦ и државата Црна Гора, но откако се консултирал со правниците во Владата сфатил дека тоа би било преседан. Сепак, заминал за Белград.

-Секако, за да не постои никаква дилема, на пат натаму напишав твит кој беше многу јасен. Укажав на волјата на граѓаните ан Црна Гора која им беше позната на сите епископи на Саборот, дека Јоаникиј треба да биде митрополит. Тогаш им кажав дека најдобар термин за потпишување на Темелниот договор е денот на упокојувањето на митрополитот Амфилохие, вели Кривокапиќ.

Тој коментира дека ова веројатно било лошо примено од патријархот и некои епископи и било толкувано како опструкција на договорот.

-Веројатно тогаш сфатиле дека јас сепак претставувам една држава и дека таа мора да постапува согласно својот закон и Устав, коментира Кривокапиќ додавајќи дека односите меѓу црквата и државата не смеат да се базираат на ситуација на свршен чин.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот