ЦИВИЛ: Мирен почеток на гласањето

Локални избори 2021 / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Мирен почеток на гласањето на избирачките места, од една страна и кршење на изборниот молк, говор на омраза и црна кампања на социјалните мрежи, од друга страна, го одбележа почетокот на вториот круг на локалните избори 2021, изјави претседателот на ЦИВИЛ Џабир Дерала.

„Набљудувач на ЦИВИЛ во општина во источниот дел од земјава утринава беше следен и фотографиран повеќе пати. Случајот е пријавен во полиција“, соопшти Дерала, кој рече дека тоа е изолиран случај на притисок врз набљудувачите на ЦИВИЛ.

Во овој момент имаме малку извештаи за попречување на работата на набљудувачите на ЦИВИЛ за разлика од првиот изборен круг, дополни Дерала.

Тој соопшти дека во Куманово, ИМ 1070, бил запишан матичниот број на набљудувач на ЦИВИЛ во дневник кај ИО.

„Освен тој случај, во Куманово во ОУ „11 Октомври”, ИМ 1026/1, членот на ИО В. Т., додека гласачот бил на фингерпринт апаратот, именуваната извадила телефон за да го слика гласачот. После тоа, му рекла: „знаеш дека треба да заокружиш конкретно бројче”. Нарушување на тајноста на гласањето се бележи во истото училиште, на ИМ 1001, гласачките паравани се наместени на тој начин што од прозорецот може да се види којшто заокружува зад параванот“, извести Дерала.

Повторно проблем со фингерпринт апаратите

Мониторинг-тимовите на ЦИВИЛ, како што рече, повторно бележат проблеми со фингерпринт апаратите.

„Еден од долгорочните набљудувачи на ЦИВИЛ направи статистика од едно избирачко место во Кисела Вода. Од 70 гласачи во ИМ 2668, ООУ „Партение Зографски”, Кисела Вода, само 19 немале проблем со идентификација на фингерпринт апаратите. Радовиш, ИМ 1582, ФП апаратот не може да ги отчитува отпечатоците од прст, со искуство од претходно гласање, било исклучено светлото во просторијата така што останала само надворешната светлина. Потоа, немало ниту еден проблем со фингерпринтерот, на сите гласачи им ги отчитувал прстите“, соопшти Дерала.

Проблеми со апаратите, посочи, имало и во Тетово, ОУ „Братство Миѓени”, ИМ 1952, Карпош, ООУ„Јан Амос Коменски”, ИМ 2605, Кисела Вода, ОУ „Невена Георгиева Дуња”, ИМ 2745.

Набљудувачите на ЦИВИЛ забележале дека во Кисела Вода, Дом на Месна заедница К. Вода, ИМ 2763, не е поставен третиот гласачки параван за лица со физичка попреченост.

Мониторинг-тимовите на ЦИВИЛ забележале и повреда на КОВИД протоколи, и тоа во Тетово, ОУ „Братство Миѓени”, ИМ 1952, непочитување ковид-мерки. Во Лозово, ОУ – с. Лозово, ИМ 1706, претседателката на ИО не носи заштитна маска.

Според ЦИВИЛ, кршење на изборен молк направиле интернет портали

„Ноќта во петок кон сабота, на 30 октомври 2021, во првата минута по почеток на изборниот молк, еден интернет портал го прекрши изборниот молк, спротивно на Изборниот законик, известувајќи во живо на социјалните мрежи и на веб страницата за наводни активности за предизборен поткуп во Охрид. Во јавувањето во живо, две лица што објавуваат содржини за неколку традиционални и онлајн медиуми, посочија припадници на една политичка партија како организатори на наводен поткуп. Иако партијата не беше директно именувана, двете лица зборуваа за нејзините партиски бои и направија опис со јасен опис со што го открија идентитетот на посочената политичка партија“, соопшти Дерала.

Тој извести дека околу 1 час по полноќ, мониторинг тимовите на ЦИВИЛ утврдиле кршење на изборниот молк на повеќе места низ скопската населба Капиштец.

„На вратите во голем број станови во станбените блокови низ населбата беа закачени флаери со пропагандна содржина во изборен контекст. Мониторингот на ЦИВИЛ поседува фотографии и сведоштва од граѓанки и граѓани кои потврдуваат дека се работи за кршење на изборниот молк, еден час по стапувањето во сила“, информира Дерала.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот