„Човекот гасеница“ бил циркуска ѕвезда без раце и нозе: Неговата животна приказна служи како пример

Фото: IFTN / United Archives / Profimedia

Веројатно, не постојат многу луѓе на светот кои не слушнале за Ник Вујичиќ и неговата животна приказна. Меѓутоа, во минатото луѓето со деформитети ги немале медиумите како платформи каде ќе ја раскажат својата инспиративна приказна. Тие можеле да учествуваат само во циркуски претстави и на тој начин да заработат за живот, пишува „Национална географија“.

Принц Рандијан е роден во Британска Гвајана, во 1871 година. Тој се родил без раце и нозе, а научил да оди користејќи ги стомачните мускули. Иако тогаш не било познато, тој го имал синдромот наречен тетра-амелија. Ова е многу ретко нарушување, кое покрај отсуство на екстремитетите, може да влијае и на сериозна неразвиеност на други делови од телото, како што се белите дробови. Оваа состојба може да доведе до неможност за дишење и смрт на новороденчето. Повеќето деца родени со овој синдром не го преживуваат раѓањето.

Сепак, Рандијан преживеал и немал други компликации. Поради движењата на телото, луѓето од неговата околина му го дале прекарот Гасеница. Иако таквиот почеток за повеќето би значел живот без многу шанси за успех, Рандијан решил да ја сврти ситуацијата во своја полза.

Познатиот шоумен и бизнисмен, кој го менаџирал познатиот циркус „Тејлор Барнум“, го донел Рандијан во Америка во 1889 година. Веќе на 18-годишна возраст, Рандијан станал голема атракција и го добил прекарот Принц. Неговата точка со мотање цигари со усни станала една од најпосетените. И тука не бил крајот на неговите достигнувања – штом ќе ја напуштел сцената, тој го насочувал својот живот кон корисни работи. Според неговите пријатели, тој зборувал повеќе јазици, вклучувајќи го германскиот, францускиот и хинди јазикот. Со сопругата Сара имал пет деца.

Но, да се вратиме на шоуто…

За секој свој настап, Рандијан облекувал волнена облека, која му била припиена до телото за полесно да се движи низ сцената. Но, и за да личи на гасеница. Тој бил најпознат по неговата способност да витка цигари со усните и да ги пали, како и да пишува или да слика со молив или четка. Тој, исто така, сакал да изведува бричење со брич прикачен на дрвен блок.

Неговите колеги раскажувале дека Рандијан ги чувал своите реквизити во една кутија, која, наводно, сам ја направил и ѝ ставил брава. Колку бил популарен говори и фактот што неговата точка со пури била снимена и прикажана во филмот „Freaks“ (1932), кој бил еден од најгледаните филмови.

Кога починал од срцев удар во 1934 година, на 63-годишна возраст, неговите пријатели истакнале дека неговата животна приказна послужила како пример за волја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот