Центар побара вонреден инспекциски надзор за ДУП Ј 07, Инспекторатот се прогласи за ненадлежен

Општина Центар/ Фото: Слободен печат

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на почетокот од годинава побара Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам да изврши вонреден инспекциски надзор на блоковите 10, 28 и 43 од ДУП Градска четврт Ј 07 кој ги опфаќа локалитети Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара.

Целта беше, со извршувањето на инспекцискиот надзор да се излезе во пресрет на барањата на граѓаните од улиците Козара, Питу Гули и Салвадор Аљенде, кои од Општина Центар и од градоначалникот Горан Герасимовски го бараа тоа, но и да се појаснат околностите под кои е донесен планот пред осум години, поточно во 2014 година.

Градоначалникот Герасимовски објаснува дека Инспекторатот се прогласил за ненадлежен за тоа прашање.

„До Општина Центар пристигнат е одговорот од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам. Во него, Инспекторатот, повикувајќи се на Законот за просторно и урбанистичко планирање, се прогласува за ненадлежен по прашањето за инспекциски надзор на ДУП Ј 07. Надлежноста за постапување по овој предмет е во рамки на делокругот на Општина Центар, односно Советот, кој го донесува овој план. Во соработка со стручните служби и Советот на Општина Центар продолжуваме да бараме решенија за состојбата со Водно“, вели Герасимовски.

На прашањето како ќе се решава проблемот со новите градби на Водно и заштитата на парк-шумата, градоначалникот одговара дека во план е изработка на нов урбанистички план за делови од Водно.

Жителите на населбата Водно постојано укажуваат и реагираат до општина Центар доколку започне да се гради некој објект на падините на шумата, со цел да се спречи нејзиното уништување.

„Група граѓани од улицата Питу Гули реагираат на издаденото правосилно одобрение за градење за индивидуален станбен објект (намена А0) во градежна парцела што се наоѓа на падината на Водно, непосредно над нивните објекти“, вели Герасимовски, прецизирајќи на што точно реагирале жителите на Водно во врска со ДУП Градска четврт Ј 07, за кој беше побаран вонреден инспекциски надзор.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот