Луѓе пазарат во маркет / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Цените растат, расте и минималната синдикална кошница: Февруарското „полнење“ чинело 63.773 денари

Оваа кошничка не ѝ чини на Владата, а Организацијата на работодавачи побара да се направи официјална потрошувачка кошничка. Споредбата на пресметките што веќе 14 години ги прави СССМ и она што во минатото го правеше Државниот завод за статистика, јасно покажува дека се речиси исти производите што влегуваат во потрошувачката кошничка

Минималната синдикална кошница не поевтинува. Нејзината вредност за февруари изнесува 63.773 денари и е за 521 денар повисока отколку во јануари годинава кога се полнеше со 63.252 денари, објави Сојузот на синдикатите. Ако живеете во изнајмен стан од 60 квадратни метри, нејзината вредност отишла над 79.000 денари.

Според пресметката на ССМ, од минималната синдикална кошничка едно четиричлено семејство за храна и пијалаци треба да одвои речиси 400 евра (23.427 денари или 36,7 отсто), за облека и обувки 5.800 денари или 9,1 отсто, за станарина, вода, електрична енергија и греење 6.096 денари или 9,6 отсто. За лична хигиена и одржување на хигиена во домот треба да се одвојат 2.195 денари или 3,4 отсто, за здравје 1.135 денари или 1,8 отсто, за транспорт 4.844 денари или 7,6 отсто.

За комуникации на едно четиричлено семејство во февруари годинава му биле неопходни 3.417 денари или 5,4 отсто од износот на минималната кошничка, за рекреација и култура 4.592 денари или 7,2 отсто, за образование 7.036 денари или 11 отсто, за ресторани и хотели 4.131 денари или 6,5 отсто, а за останати стоки и услуги 1.100 денари или 1,7 отсто. Доколку живеат во изнајмен стан на граѓаните им се потребни дополнителни 21.471 денар.

Оваа кошничка не ѝ чини на Владата, а Организацијата на работодавачи побара да се направи официјална потрошувачка кошничка која ќе биде формирана од страна на неколку членови од различни институции.

– Сметаме дека таа ќе биде официјална, институционална потрошувачка кошница која ќе ги земе предвид сите оние потрошувачки елементи кои се релевантни за една кошничка. Сите се стремиме кон Европска унија и она што го истражувавме минатиот период беше дека ЕК нема директива по однос на потрошувачката кошница и дека секоја држава во регионот и во Европа има и синдикална и кошница што ја формираат институциите и тие се разликуваат драстично – изјави претседателката на ОРМ Владинка Трајковска по седницата на ЕСС.

Од ССМ, кои од 2010 година ја изработуваат синдикалната потрошувачка кошничка, остануваат на ставот дека нивната пресметка е релевантна и одговара на реалните потреби на граѓаните. Формирањето на ново тело кое ќе ги прави пресметките го гледаат како обид да се минимизираат синдикатите и да не се зголемат минималната и останатите плати.

Направената споредба на пресметките што веќе 14 години ги прави ССМ и она што во минатото го правеше Државниот завод за статистика, јасно покажува дека производите што влегуваат во потрошувачката кошничка се речиси исти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот