Бундесрат: Западниот Балкан не смее да се заборави

Германскиот Бундесрат/ Фото: Bernd Elmenthaler / imago stock&people / Profimedia

Германскиот Бундесрат е за преговори за приклучување во ЕУ на Украина, Молдавија и државите од Западен Балкан.

Претставништвото на покраините во Германија, Бундесратот, денес (15.12) усвои изјава во која се вели дека „со оглед на глобалниот развој, проширувањето (на ЕУ, н.з.) е во сопствен геополитички интерес на Европската унија“.
Премиерот на покраината Бремен, Андреас Бовеншулте (СПД), оцени дека „досегашното проширување, како што покажува историјата, ја направи Европската унија посилна“. Тој побара во процесот на проширување да не се заборават државите од Западен Балкан:
„Иако во моментов фокусот на јавната дискусија е ставен на Украина, не смееме да ги заборавиме оние кои делумно по 20 години прават напори да станат членки на ЕУ. Во однос на Западниот Балкан, земјите кандидати и ЕУ мора да работат заедно за да се реализираат ветувањата за заедничка европска перспектива, дадени пред 20 години, на самитот во Солун.“
Министерката за европски прашања на покраината Хесен, Луција Путрих (ЦДУ) нагласи дека се работи за тоа да им се подаде рака на милиони луѓе во Источна и Југоисточна Европа. Приклучувањето во ЕУ одамна не може да се образлага само со економски причини, оцени таа: „Тоа е приклучување кон една фамилија на вредности. Фамилија која ветува безбедност, благосостојба и мир.“
Притоа, на земјите кои сакаат да се приклучат кон ЕУ не може да им се даваат специјални услови, туку мора да се исполнат критериумите за членство, беше речено во Бундесратот. Одговорност на кандидатите е „сега да се вклучи турбо брзина за реформи“, изјави министерот за европски прашања од покраината Северна Рајна-Вестфалија, Натанаел Лимински (ЦДУ).

Извор: Дојче Веле

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот