Бугарското Собрание: Бугарија и дава целосна поддршка на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ

Знаме на РСМ и Република Бугарија / Фото: Архива на Слободен печат

Бугарија и дава целосна поддршка на интеграцијата на Република Северна Македонија во ЕУ, се наведува во Предлог-декларацијата на бугарското Народно собрание посветена на проширувањето на ЕУ и на Процесот на стабилизација и асоцијација на Република Северна Македонија и Албанија.

Во предлог-документот, како што јави БГНЕС, Софија го повикува Скопје да го спроведува ефикасно, без одлагање и со добра волја Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, што беше потпишан од премиерите на двете земји, Бојко Борисов и Зоран Заев на 1 август 2017 година.

Во текстот се посочува дека Бугарија „се залага за прифаќање на историската вистина за заедничка историја што ја споделуваат двете држави и народи”.

– Целосно да го спроведат договореното и постигнатото во рамки на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, како и тие да бидат вклучени во училишните програми и материјали во најкус можен рок, се наведува во Предлог-декларацијата.

Во предлог текстот на бугарското Собрание се бара и „да прекине секаква форма на говор на омраза кон Бугарија и кон граѓаните на Република Северна Македонија со бугарско национално чувство, вклучително и во медиумите и на натписите на спомениците”.

Во делот од декларацијата што се однесува на евроинтеграцијата на Албанија, се бара гарантирање „со максимален степен на правото на бугарското национално малцинство во оваа држава да го изучува бугарскиот литературен јазик како мајчин во регионите во кои живее – Голо брдо, Гора, Преспа, Корча, Елбасан и Кукс”. Во текстот се бара и спроведување на попис на населението во Албанија во согласност со европските стандарди, со цел да се добие објективна слика за етничкиот состав на земјата.

– Врз таа основа и во вакви услови 44. Народно собрание на Република Бугарија го поддржува започнувањето на претпристапните преговори на ЕУ со Република Северна Македонија и Република Албанија, се потенцира во Предлог-декларацијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот