Бугарите ќе влезат во Уставот кога Македонија ќе влезе во ЕУ

Во Бугарија има повеќе Македонци отколку што има Бугари во Македонија и тие треба да бидат внесени во бугарскиот Устав. Ние овде ниту сме регистрирани ниту признаени, вели претседателот на ОМО Илинден Пирин, Стојко Стојков.

Македонија ќе ги запише Бугарите како малцинство во својот Устав при влезот на земјата во ЕУ. Но, ние нема да бараме од Бугарија да ги вметне Македонците во нивниот устав, оти не е чин на пријателство такво мешање во внатрешните работи, најави вчера премиерот Зоран Заев.

Според него, Македонија би се решила да ги вметне неспомнатите малцинства во Уставот, не затоа што тоа од нас го бараат бугарските политичари, туку затоа што е старо барање и на хрватското и на црногорското малцинство во земјата.

– Уште пред неколку години се отвори дебата на барање на Хрватите и на Црногорците. Го следиме примерот на европските земји, Албанија веќе тоа го направи. Во моментот на пристапување во ЕУ се отвара Уставот кој мора да се смени заради сојузништвото и заедничкиот дел со земјите членки и тогаш се вметнуваат помалите заедници што живеат во нашата земја, а не се во Уставот. Ние немаме предрасуди. Ако некој бара утре, не можеме, затоа што за уставни измени треба двотретинско мнозинство во парламентот. При влез во ЕУ во Уставот ќе бидат вметнати Бугарите, Црногорците, Египќаните и припадниците на други заедници – рече Заев.

Во врска со тоа дали ќе бараме реципроцитет од Бугарија, премиерот вели дека тоа е право на соседната земја.

– Секојпат е убаво да се има реципроцитет, но не е во духот на пријателство мешање во внатрешните работи. Кај нас наши граѓани го отворија ова прашање. – Хрвати, Црногорци, чии татковци и дедовци биле родени овде, а и децата им се раѓаат тука и треба да се има во предвид нивната еднаквост и уставотворност – рече Заев.

Минатата недела техничкиот министер за надворешни работи на Бугарија Светлан Стоев рече дека промената на македонскиот устав е еден од начините за решавање на проблемите со припадниците на бугарското малцинство во Македонија.

Претседателот на ОМО „Илинден Пирин“ Стојко Стојков вели дека во Бугарија има повеќе Македонци отколку што има Бугари во Македонија и тие треба да бидат внесени во бугарскиот Устав.

– Тоа треба да го побара македонската Влада, но и здруженијата на Македонците во Бугарија. Ние овде ниту сме регистрирани ниту признаени – вели претседателот на партијата на Македонците во Бугарија за „Фактор“.

Од друга страна, Петар Колев, претседател на партијата на македонските Бугари ГДУ, вели дека Бугарите во Македонија не постојат на законодавно ниво.

– Нивните права не се почитуваат и покрај тврдењата на официјалната власт и лично на премиерот Заев. Бугарите во РС Македонија треба да имаат исти права како сите останати граѓани.

– Во Уставот на Република Северна Македонија се набројани народите кои живеат во земјата, но Бугарите не се присутни во највисокиот правен акт. Со оглед на тоа, не може да има судија Бугарин или обвинител Бугарин, ниту некој кој ќе биде ангажиран во армијата како професионален војник. Тоа е едно од основните нарушувања на човековите права – изјави Колев за БНР.

Тој додаде дека Бугарите во Македонија, освен промена на Уставот, очекуваат и демократски попис во кој ниту еден граѓанин нема да биде подложен на репресии ако се определи како Бугарин.

Според бугарскиот политиколог Огнен Минчев, Бугарија нема интерес да бара признавање на бугарско малцинство во Северна Македонија.

– Врз база на билатералната бугарско-македонска декларација од 1999 година е утврден принципот земјите да имаат обврска да ги почитуваат индивидуалните права на своите граѓани на самоидентификација и слободно изразување на својот идентитет во доброволни здруженија во сферата на граѓанското општество. Бугарската држава признава рамноправни граѓани, а не малцинства и мнозинства. Крајно време е во бугарските институции, најмногу во МНР, да почнат да раководат компетентни луѓе и да се запре донесувањето парцијални одлуки. Големата „беља“ што ја направија разни „патриоти“, не може да биде поправена со нови „идиотски решенија“, извадени од контекст и национален интерес – напиша Минчев на Фејсбук, а во врска со барањето на Стоев да се вметнат Бугарите во македонскиот Устав.

 

СДСМ ќе го обезбеди мнозинството за уставното име во резолуцијата

 

Премиерот Зоран Заев најави дека пратениците од СДСМ ќе го обезбедат потребното мнозинство за да се вметне амандманот со уставното име во предлог-резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за утврдување на црвените линии во разговорите со Бугарија.

– ВМРО-ДПМНЕ стои на своите позиции на неприфаќање на Преспанскиот договор. Одговорноста кај сите е присутна, па и кај ВМРО-ДПМНЕ, дека тоа што е добро за граѓаните не може да го негирате, туку треба да го поддржите. Ние имаме општи одредби во резолуцијата кои ги поддржуваме без промена на точка и запирка, но Уставот е реалност. Парламентарното мнозинство интервенира со амандман и тоа самото ќе обезбеди гласови. Ги повикувам и Алијансата на Албанците и Алтернатива да гласаат за амандманот, затоа што тие беа за промената на Уставот. Ги повикувам и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да се одважат и да гласаат за амандманот, оти Преспанскиот договор е реалност. Тоа ќе им донесе добро и ним како партија, ако конечно го направат тој пробив, а и за државата ако се релаксираат работите по тоа прашање – рече Заев.

Тој додаде дека е многу значајно што низ разговори во парламентот се изнајде решение за резолуцијата.

– Мнозинството ќе поднесе амандман за да биде уставно исправен документот, а сите заедно ќе ја гласаме резолуцијата со што ќе испратиме порака на единство, дека сакаме решение, но истовремено знаеме што е дозволиво, а што не – порача премиерот.

Резолуцијата се очекува деновиве да биде разгледувана од пратениците во Собранието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот