БУЏЕТ 2022: Ќе има за трошење 4,4 милијарди евра, стабилни плати и пензии

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Расходната страна на државната каса за 2022 година е планирана на 4,4 милијарди евра и овој износ е за 1,4 проценти поголем отколку во 2021 година. Во Буџетот, во текот на наредната година се предвидуваат да се соберат 3,9 милијарди евра, или 7,4 проценти повеќе од приходот проектиран за годинава.

Овие податоци ги соопшти министерот за финансии Фатмир Бесими на прес-конференцијата за Предлог-буџетот за 2022.

Буџетот се прави како дел од една среднорочна рамка, во која дел е фискалната консолидација. Во тие рамки, во расходите се намалени тековните расходи. Тие изнесуваат 3,8 милијарди евра и се за 2 проценти помали од лани. Притоа, како што нагласи Бесими, останува стабилна исплатата на плати, со тоа што има и зголемувања за одредени корисници, а останува и стабилна исплатата на пензиите. Значително намалување од 6 проценти, во рамките на тековните расходи, има ставката „стоки и услуги“, за што за наредната година се предвидени 335 милиони евра.

Буџетскиот дефицит е 541 милиони евра и, како што потенцираше Бесими, тој ќе се користи исклучиво за капитални расходи.

– Капиталните расходи се 37,8 милијарди денари, а буџетскиот дефицит е 33,3 милијарди денари. Како што може да се види буџетскиот дефицит е помал од капиталните расходи. Тоа е златното правило во јавните финансии, што го прави овој буџет развоен и според теоријата и во практиката – рече Бесими и потенцираше дека „ако треба да се задолжиме, тоа ќе биде само за капитални проекти“.

Тој информираше и дека идната година економскиот раст е планиран на 4,6 проценти, а инфлацијата на 2,4 проценти, односно се очекуваа таа да се стабилизира и во вториот квартал од наредната година да има релаксирање на цените.

Министерот ги претстави и новите извори на финансирање: развојна, зелена, проектна обврзница и обврзница индицирана со инфлација.

– Развојните обврзници ќе се користат за финансирање капитални расходи, зелените за заштита на животна средина и за зелената агенда, проектните за конкретни проекти и тука очекуваме да ја заинтересираме дијаспората, како и домашни инвеститори, а обврзниците индуцирани со инфлација се со цел да се мобилизира капитал кој е во вид на готовинска заштеда кај граѓаните. Со нив ќе се постигнат тројни ефекти – намалување на готовината, како една од мерките за намалување на неформалната економија, а истовремено граѓаните ќе имаат можност да добијат приноси на нивните средства, кои исто така ќе бидат ставени во функција на развој – рече Бесими.

Бесими очекува дека и покрај настанатата политичка криза, ќе има навремено изгласување на новиот буџет. Тој рече дека вчера Предлог-буџетот е веќе предаден во Собрание и дека пратениците имаат 10 дена да го разгледаат, а потоа тој оди во собраниска комисија каде што исто така има точно утврдени денови колку се расправа.

Идната година е планирано државата да се задолжи 787 милиони евра

За отплата на стари долгови и за финансирање нови проекти, државата планира во наредната година да се задолжи 787 милиони евра.

Покривањето на овој износ се планира од домашни извори во висина од 441 милиони евра, а од странство 346 милиони евра.

Во задолжувањата со странство има предвидено и задолжувања со обврзница и дел со кредити што веќе се склучени и од кои повлекуваме дел.

Инаку, идната година по однос на стари долгови треба да вратиме 11,6 милијарди денари, односно 188,5 милиони евра, и тоа 105,7 милиони евра кон надворешни кредитори и 82,8 милиони евра кон домашни инвеститори.

Идната година јавниот долг треба да достигне 65,9 проценти од БДП.

Поголеми плати за здравство, судство, образование, култура и за инспекторите

Министерот за финансии Фатмир Бесими образложувајќи го Предлог-буџетот за 2022 година рече дека за плати и придонеси се планирани 531 милион евра, додека со ребалансот за 2021 година износот бил 514 милиони евра.

– Планирано е зголемување на платите во здравството за 5 проценти, поголеми плати во судството за 15 проценти, раст на платите од 15 проценти за обвинителите, 7 проценти поголеми плати во образованието согласно колективниот договор, раст на плати во културата согласно колективниот договор во кој растот се поврзува со растот на минималната плата и 10 проценти раст на платите на инспекциските служби според закон што е донесе и според кој ова ќе биде трета година како се коригираат нивните плати – рече Бесими.

Тој потенцираше дека не е предвидено зголемување на бројот на вработени во администрација и дека нови вработувања ќе има за пополнување на местата на оние што ќе одат во пензија.

– Иако во апсолутен износ, одвојувањето за плати е поголемо отколку со ребалансот за годинава, структурално, платите ќе земат помало учество во вкупните расходи во Буџетот – рече Бесими.

Има пари за енергетската криза

Енергетска криза има и свесни сме за нејзините димензии, рече министерот за финансии Фатмир Бесими. Тој објасни дека мерките насочени кон ублажување на кризата треба да произлезат од надлежните во Владата, а дека тој како министер за финансии може да потврди дека пари за нив има.

– Буџетскиот дефицит за годинава не е искористен и има простор финансиски да се интервенира уште годинава, а ќе има пари и за наредната година – рече Бесими.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот