Бројот на комерцијални летови во ЕУ е дури и помал од нивото пред пандемијата
Бројот на комерцијални летови во Европската Унија сè уште не го достигнал нивото забележано пред пандемијата на коронавирусот, покажуваат најновите податоци на Евростат објавени денеска.
Препорачано
Во септември оваа година во земјите од ЕУ се реализирани 653.072 комерцијални летови — што е раст од 2,6 проценти во споредба со истиот месец минатата година. Сепак, бројката останува за 1,8 проценти пониска од онаа од септември 2019 година, која се зема како референтна поради тоа што е последна година пред пандемијата што го парализираше воздушниот сообраќај, пишува Еуроњуз.
Периодот пред пандемијата се карактеризираше со континуиран раст на авионските летови, по што во 2020 година дојде до драстичен пад. Евростат наведува дека закрепнувањето на секторот е стабилно, но сè уште непотполно.
Сличен тренд е забележан и во летните месеци — бројот на летови во јуни бил повисок за 2,8 проценти во однос на 2024 година, во јули за 2,9 проценти, а во август за 3,3 проценти. И покрај растот, ниту еден од овие месеци не ги достигнал нивата од пред пандемијата.
Анализата по земји открива значителни разлики. Дванаесет членки на ЕУ во септември успеале да го надминат бројот на летови од 2019 година. Најголем пораст бележат Кипар со 24,1 проценти повеќе летови, Полска со 22,4 проценти и Грција со 21,4 проценти.
Од друга страна, во Латвија бројот на летови е намален за 29,8 проценти во однос на 2019 година, во Шведска за 27,3 проценти, а во Финска за 23,9 проценти.
Според Евростат, ваквите податоци укажуваат дека иако европскиот воздушен сообраќај се опоравува, целосното враќање на претпандемиското ниво сè уште не е достигнато.


