Бошњаковски за СП: Идните компромиси со членки на ЕУ да се реверзибилни при нови блокади

Фото: Приватна архива

Новите услови што се испречија пред Македонија на патот кон ЕУ и најавите како онаа на еврокомесарот за проширување Оливер Вархељ дека Албанија може наскоро да ги почне преговорите за членство, а Македонија нема се додека не го реши спорот со Бугарија, го нарушуваат интегритетот на самата Унија и прават Македонија да изгуби секаков интерес за компромиси, вели аналитичарот и правник Владимир Бошњаковски за „Слободен печат“.

– Ваквите ставови се големо разочарување не само за нашата држава, туку за секој што сака да ја види ЕУ како геополитичка сила во современиот свет. Македонија направи големи компромиси, а лидерите на земјите-членки доаѓаа кај нас како морални гаранти на интеграцискиот процес. Се покажа дека нивните гаранции не значат ништо, па затоа веќе и не може да се третираат многу сериозно. Во однос на Македонија, колку и да звучи парадоксално, нејзините опции се многу едноставни. Има две опции: да прифати уште еден болен компромис веднаш или да се откаже од идејата за зачленување во Унијата, а својот пат на развој да го трасира на друг начин. Најлошото што може да направиме е да потрошиме уште 30 години енергија и надежи за решавање на новиот билатерален спор, а на крајот пак да прифатиме исход кој и денес е на маса – вели Бошњаковски за „Слободен печат“.

Додава дека тој лично под нормални околности можеби и би бил спремен на компромиси, но се покажало дека тие не се никаква гаранција за посакуваниот исход.

– Така, идните компромиси треба да се прават само и исклучиво ако се врзани со конкретни исходи и се реверзибилни во случај на нови блокади. Тоа е нешто што требаше да се бара и претходно.  Доколку тоа не е прифатливо, ние функционираме без ЕУ 30 години, па сите сме живи и здрави. Главна придобивка од откажувањето од тој аспект за развој на нашата држава е што со неа ќе исчезне и илузијата дека ќе дојде некој од ЕУ да ни ги реши домашните проблеми. Можеби без „туторството“ на ЕУ ќе бидеме приморани да се однесуваме малку поодговорно, а билатералните спорови ќе ги решаваме натенане – вели Бошњаковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот