Блинкен смета дека Путин доживеал „стратешки неуспех” во Украина

Ентони Блинкен / Фото: EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен денеска во Атина изјави дека рускиот претседател Владимир Путин доживеал „стратешки неуспех“ со инвазијата на Украина, речиси една година по нејзиното започнување.

„Една година откако претседателот Путин ја нападна Украина, јасно е дека неговата војна е стратешки неуспех во секој поглед“, рече Блинкен на заедничката прес-конференција со неговиот грчки колега Никос Дендиас.

Тоа се случи, оцени тој, „благодарение на храброста на украинскиот народ, но и на силата и единството на сојузниците и партнерите од целиот свет кои и пријдоа на помош на Украина“.

Во меѓувреме во Москва, речиси во исто време, Путин во своето обраќање во парламентот рече дека Москва направила сѐ за мирно да ги реши проблемите во Донбас, но дека Западот подготвува поинакво сценарио зад својот грб, не пропуштајќи да укаже дека ќе ја продолжи воената кампања во Украина „внимателно и методично“.

Блинкен во Атина тврди дека „никој не ја сакал таа војна“ и дека „никому не му се допаѓа таа војна“ и дека „целиот свет сака таа да заврши што е можно поскоро“.

Но, тој посочи дека е клучно да се бранат основните принципи и дека „ако не го сториме тоа и ако дозволиме војната да продолжи неказнето, ќе ја отвориме Пандорината кутија низ целиот свет“. Ова е прва посета на Блинкен на Грција, каде што синоќа се сретна со премиерот Киријакос Мицотакис.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот