Битолската болница ќе „увезува“ лекари од Скопје и Прилеп

Фото: Слободен печат

Состојбата во Клиничката болница во Битола од недостиг на специјалистички кадар и друг медицински персонал е речиси алармантна. Бројот на вработени во болницата само за изминатите две години е намален речиси за преку 200 работници. Од преку 900 работници колку што работеа, сега работат нешто повеќе од 700 работници. Во болницата недостасува кадар во сите сектори, од медицинскиот, техничкиот како и административниот кадар.

Но, тоа што посебно ги загрижува не само менаџерскиот тим на болницата туку и граѓаните е што во изминатите две години Клиничката болница во Битола остана без најмалку 30 лекари специјалисти. Има голем недостаток на медицински сестри бидејќи тие сестри кои заминаа во странство не се вратија, а нема ни болничарки и друг медицински персонал.

Најголем недостиг на лекари специјалисти има во Детското одделение, гинекологија, неонатологија, ортопедија, инфективното одделение, хирургија, очно одделение.

За да го реши проблемот од недостиг на лекари, на барање на новата в.д. директорка на болницата Елизабета Ивановска проблемот од недостиг на лекари специјалисти до добивањето на согласности за вработување на лекари од Министерството за финансии ќе се реши со ангажирање на визитинг специјалисти доктори од скопските клиники и институти, кои ќе доаѓаат да дежураат во Битола.

Визитинг лекарите најпрво ќе бидат ангажирани да дежураат на Одделенијата за педијатрија, неврохирургија,урологија,хирургија.

Фото: Слободен печат

-Со постојаниот стручен, кадровски, просторен, технички и економски развој на болницата создадени се услови успешно да се лекуваат сите видови заболувања со најсовремени дијагностичко-терапевтски методи, континуитет кој ќе се потрудиме да го одржиме и во иднина, вели в.д. директорката на Клиничката болница во Битола, Елизабета Ивановска.

Од Клиничката болница во Битола информираат дека најголем недостиг на лекари специјалисти има во педијатрија, инфективно одделение, урологија, неонатологија каде што работат по еден до двајца доктори.

Сепак, по двата смртни случаи на Детското одделение, кога почина малата Јана и едно новороденче, Клиничката болница најпрво инсистираше да се реши проблемот од недостиг на лекари во Одделението за педијатрија, каде беше останат само еден лекар специјалист и каде по двата смртни случаи и неколкуте протести на граѓаните вработените се под хроничен стрес.

Проблемот од недостиг на лекари специјалисти во ова одделение ќе биде решен со ангажирање на три визитинг доктори кои ќе вршат специјалистички здравствени услуги од областа на педијатријата. Тие во Битола ќе доаѓаат да дежураат т од ЈЗУ Институт за белодробни заболувања кај децата Козле. Со нив ќе се овозможи непрекината деноноќна служба на Одделението за педијатрија и негова функција 24/7. Тоа се: д-р спец. Емилија Манасиевска, д-р спец. Теута Усеини Авди, д-р спец. Верица Костовска.

Според директорката на болницата Елизабета Ивановска во одделението за неврохирургија збогатен е искусниот тим на неврохирурзи со четворица визитинг доктори кои ќе вршат специјалистички здравствени секундарни и терциерни услуги од областа на неврохирургијата.

Меѓу нив е и поранешниот заменик министер за здравство, битолчанецот доцент д-р.спец, Владимир Рендевски, потоа проф. д-р спец. Томи Камиловски, д-р спец. Благој Шунтев и д-р спец. Фатмир Елези.Овие доктори доаѓаат од ЈЗУ Универзитетска Клиника за неврохирургија-Скопје.

Во Битола ќе дежура и доктор супспецијалист од ЈЗУ Универзитетска Клиника за торакална и васкуларна хирургија Скопје, кој ја извршил првата операција на проширени вени во Болницата во Битола во 2018 година, ја продолжува соработката со установата на Одделението за хирургија. Тоа е д-р супспец. Мишел Андов експерт за васкуларна и торакална хирургија.

На одделението за урологија веќе доаѓа на дежурства лекар специјалист од Прилеп, а од Прилеп доаѓаат на дежурства и лекари на неонатологија и гинекологија.

Со постојаниот стручен, кадровски, просторен, технички и економски развој на болницата создадени се услови успешно да се лекуваат сите видови заболувања со најсовремени дијагностичко-терапевтски методи, континуитет кој ќе се потрудиме да го одржиме и во иднина, вели Елизабета Ивановска, која инсистира Клиничката болница Битола од Министерството за финансии да добие согласности за вработување, зашто состојбата со недостигот на медицински кадар е алармантна, а бројот на заболени е сè поголем и речиси сите болнички кревети се веќе полни. Ние можеме да се надеваме дека ќе ја надминеме состојбата од недостиг на лекари дури по 1,5 година кога треба да се вратат во болницата наши специјализанти. Но, дотогаш треба да се издржи и мораме да се снаоѓаме со ангажирање на визитинг лекари кои би дежурале во Битола, вели в.д. директорката на Клиничката болница во Битола, Елизабета Ивановска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот