Битиќи: Ќе бидам првиот што ќе ги поддржи лицата кои прележале ковид-19 пред шест месеци да можат да ги посетуваат угостителските објекти

Фатмир Битиќи/ Фото: Архива нја Слободен печат

 Препораката на Комисијата за заразни болести беше  единствен критериум за вчерашната одлука на Владата да дозволи угостителските објекти повторно да можат да работат во затворените простори со 30 отсто од капацитетите, потврди вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

-Ние ги следиме нивните упатства и секоја нивна препорака се разгледува на Главниот кризен штаб и на Влада и како таква се носи како одлука. Искрено не можам да кажам која е епидемиолошката причина зошто тоа се дозволи, но тоа беше препорака од Комисијата за заразни болести и така се постапи, рече Битиќи во одговор на прашањето по која епидемиолошка анализа се донесе вчерашната одлука угостителските објекти повторно да можат да работат во затворен простор со 30 отсто од капацитетите, при денешниот увид во текот на изградбата на фекална канализација во Јурумлери.

Сметам, нагласи, дека во одреден период требаше да има многу порестриктивни мерки и додаде дека според Комисијата за зарасни болести сега најверојатно сме стигнати до пикот на четвртиот брана на Ковид-19 и бројките не би требало да одат нагоре.

-Остануваат на сила и другите мерки кои ги поддржавме, а тоа се влезот во угостителските и во другите затворени објекти да биде со сертификат за вакцина и со доказ за прележан Ковид не постар од 45 дена, рече Битиќи.

Прашан дали периодот од 45 дена е доволен, рече дека лично не може да каже ништо.

-Тоа е одлука на Комисијата за заразни болести и јас ги почитувам нивните одлуки и не можам да се мешам во нив. Навистина сметам дека треба да имаме разум во одреден временски период. Дополнителното ПЦР тестирање во овој момент нема да го зголеми бројот на посетители затоа што сите се свесни дека тоа е општ проблем во општеството  и дека луѓето не се склони да го трошат своето време во угостителските објекти и здравјето им е пред се, посочи Битиќи.

Нагласи дека ќе биде првиот што ќе поддржи лицата кои прележале Ковид-19 пред шест месеци да можат да ги посетуваат угостителските објекти  во моментот кога Комисијата за заразни болести ќе каже дека тоа е возможно.

Прашан дали Владата со последните одлуки сака да покаже дека нема да бидат опасни по здравјето на граѓаните претстојниот попис и локални извори, Битиќи рече дека мисли дека не е така.

-Мислам дека не затоа што гледаме дека бројот на вакцинирани секојдневно расте и дека во овој момент има над 650 илјади вакцинирани, над 500 илјади се вакцинирани со две дози, а бројот на оние со една доза секојдневно расте. Тоа значи дека во суштина сакаме да укажеме дека спасот од Ковид-19 е вакцинирањето и колективниот имунитет кој ќе се постигне со тоа. Носењето маски, држењето дистанца, одржувањето на лична хигиена плус вакцинирањето е доволен доказ дека секоја  операција е безбедна по здравјето на граѓаните, истгакна Битиќи

Вакцинирањето, посочи, не е задолжително и е на доброволна основа и претставува лична одлука на попишувачите.

-Мислам дека повеќето од попишувачите ќе бидат вакцинирани, а државата и Државниот завод за статистика ќе осигураат да бидат безбедни сите кои ќе ги посетуваат домовите. И во моментов не знаеме дали некој е вакциниран, но доколку носиме заштитна маска сигурни сме во нашата комуникација, рече Битиќи и нагласи дека на Влада засега немало дискусија дали да се одложат пописот и локалните избори доколку бројките на заболени растат.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот