Бибер: Францускиот предлог е катастрофа за ЕУ, Брисел ја прифати националистичката логика на Софија

Професорот за политика и историја на Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер, во седум точки на Твитер објасни зошто францускиот предлог за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија е „катастрофа за проширувањето“ на ЕУ и не е добар за земјата.

Според него, предлогот „во основа ја прифаќа националистичката логика на бугарската влада, сугерирајќи дека постои проблем со дискриминација на Бугарите во Северна Македонија“.

„Францускиот предлог за откочување на бугарската блокада е катастрофа за проширувањето. Делува дека тој е добар за да му стави крај на ветото, но постигнува малку и носи големи опасности“, вели Бибер, кој важи за одличен познавач на Балканот.

Најпрво, според австрискиот професор, предлогот „го вметнува билатералниот спор во преговарачкиот процес на ЕУ, давајќи им легитимитет и охрабрување на идните членки на ЕУ да ги блокираат земјите кои пристапуваат“. Понатаму, вели Бибер, тој е неизбалансиран затоа што „е многу поблиску до бугарските барања одошто до македонската позиција“.

Францускиот предлог „игнорира дека проблемот е (делумно) создаден и од ЕУ. Десетици илјади македонски граѓани зедоа бугарски пасоши затоа што тие се ЕУ пасоши, а не затоа што се чувствуваат како Бугари. Барањата на граѓаните да бидат ЕУ граѓани (за да работат) се злоупотребени од Бугарија за да се тврди дека тие се „етнички“ Бугари.

Како петта точка, Бибер наведува дека предлогот „ги билатерализира и дискредитира вистинските механизми за заштита на малцинските права”.

Бибер смета дека предлогот ќе нема доволна поддршка во Северна Македонија, а „неуспехот да се ратификува договорот ќе биде интерпретиран како неуспех на Северна Македонија, а не на бугарските националистички барања“.

Конечно, заклучува тој, „наместо лесен излез, францускиот предлог дополнително ќе ја разниша репутацијата на ЕУ и ќе го закопа процесот на проширување“.

Видео на денот