Без „радикални реформи“, Украина ќе нема пари за војната, велат економистите

Украинска војска EPA-EFE/VASILIY ZHLOBSKY

Група познати економисти од Центарот за истражување на економската политика сметаат дека владата на Украина треба да ги промени своите даночни и потрошувачки политики, доколку не сака да ја продлабочи економската криза што би можела „да ја осакати нејзината способност да ги одржи воените напори“, пишува Гардијан.

Со раст на инфлацијата до повеќе од 20 отсто, претседателот Володимир Зеленски мора да воведе реформи за да ги стабилизира несигурните основи на економијата, предупредуваат тие.

„Опстанокот на Украина – и иднината на Европа – е загрозен“, велат економистите, додавајќи дека „вонредните предизвици мора да бидат усогласени со извонредни политики и извонредна поддршка од меѓународните партнери на Украина“.

Мерките за проширување на бројот на луѓе кои плаќаат данок ќе ги подобрат финансиите на владата, додека поголема координација меѓу централната банка и Министерството за финансии ќе ја поддржи валутата, велат од групата.

Тие, исто така, препорачаа антикорупциски мерки за ограничување на износот на готовина што произлегува од економијата, помагајќи ѝ на владата да се справи со трошоците на долгата војна.

Откако руските сили ја нападнаа Украина во февруари, Киев спроведе серија итни економски мерки за да се справи со кризата и со дополнителните воени трошоци. Додека странските влади финансираа и обезбедуваа оружје и обука за поддршка на воените напори, Киев се потруди да ја „спаси“ домашната валута, гривната.

Девет експерти кои работат за академска мрежа на економисти, Центарот за истражување на економската политика, во кој се вклучени поранешните економски советници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Сајмон Џонсон, Бери Ајхенгрин, Морис Обстфелд и Кенет Рогоф, сметаат дека поминало времето кога Киев требаше да ги воведе овие, според нив, итни мерки.

Рејтинг агенцијата Мудис прогнозира дека буџетскиот дефицит на Украина ќе достигне 22% од БДП оваа година (50 милијарди долари) принудувајќи ја владата да печати пари за да ја пополни празнината.

Неодамнешниот пад на гривната не успеа да го намали притисокот од меѓународните инвеститори кои увидоа дека „моралната поддршка за Украина само делумно се претвора во силен финансиски спас“.

Зголемувањето на основната стапка на централната банка на 25% на сличен начин не успеа да влее доверба во управувањето со економијата.

Економистите сметаат дека владата треба да престане да се потпира на централната банка за печатење пари и да почне да ги оданочува богатите Украинци и да продава воени обврзници на обичните граѓани.

„Ако владата не може да ги направи овие даноци прогресивни, може да воведе прогресивна „воена доплата“. На пример, доплатата би се однесувала само на приход или капитал над одреден праг што може полесно да се прифати политички и може да се врати по војната“, се вели во извештајот.

Киев неодамна почна да го продава вишокот електрична енергија на ЕУ за да генерира девизи по олабавувањето на ограничувањата за генераторите. Тие, исто така, воведоа реформи на пазарот на трудот што им овозможи на фирмите „релативно лесно и еднострано да ги отпуштаат работниците да ги суспендираат елементите на работните договори“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот