
Бесплатно мерење очен притисок во Скопје: Глаукомот е втора причина за слепило
Кабинетот за глауком при Клиниката за очни болести, денеска на градскиот плоштад во Скопје организираше акција за бесплатно мерење очен притисок на граѓаните. По повод Светскиот ден на глаукомот лекарите апелираат офталмолошките прегледи да станат рутина барем еднаш годишно, зашто глаукомот нема симптоматологија и речиси секогаш се открива „случајно“, а е втора причина за слепило во земјата и во светот.
Препорачано

-Целта е да се подигне свеста за ова заболување и да се запознаат граѓаните што значи глауком, какви се последиците од ова заболување. Глаукомот е втора причина за слепило во светски рамки а и кај нас. Секој ден на Клиниката се соочуваме со илјадници пациенти кои доаѓаат и кај кои се дијагностицира ова заболување случајно. Заболувањето е асимптоматско. Како офталмолози сакаме да апелираме на редовни офталмолошки прегледи кои барем еднаш во годината ќе бидат рутински. Не да се јавуваат на офталмолог само кога имаат проблем, туку еднаш во годината прегледите да бидат рутински. Ќе се бориме мерењето на очниот притисок да влезе во систематските прегледи, како што се мери крвен притисок, заради превенција на ова заболување, рече доктор Ирина Богданова.
Министерот за здравство Илир Демири по повод одбележувањето на Светскиот ден на глаукомот истакна дека е многу важно раното откривање за успешно лекување на глаукомот.
– Ова е заболување кое носи последици. Денот го одбележуваме со сензибилизација на јавноста и со прегледи, зашто заболувањето нема симптоми. Затоа се организира скрининг за да може навремено да се открие. Треба да се зголеми свесноста и да се има систематски прегледи со офталмолози, рече Демири.

Од 2023 до 2026 е предвидено 30 специјализанти да завршат специјализација по офталмологија.
Во повеќе различни градови низ државата се организираа мерења на очниот притисок од страна на професионални офталмолози и обучени медицински сестри со цел подигнување на свесноста за навремено откривање на глаукомот.
