Бесими: Нема пари во Буџетот за 2022 за К-15 за јавната администрација

Фатмир Бесими
Фатмир Бесими / Фото: Влада на Република Северна Македонија

Во Буџетот за 2022 година не се предвидени пари за регрес за годишен одмор за вработените во јаниот сектор, информираше министерот за финансии Фатмир Бесими.

– За 2021 година има пари што се планирани со ребаланс на буџетот, а за 2022 година нема пари за К-15 за администрацијата – рече Бесими.

Парите што се наменети со ребалансот, всушност се за еден дел од администрацијата, односно за околу 27.000 работници, членови на Синдикатот на работници од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани, кои со грански договор успеаја да го извојуваат ова право.

На протестот во неделата, едно од барањата на Сојузот на синдикати беше и К-15 за сите вработени, и во приватниот и во јавниот сектор, за да нема дискриминација и поделба на работниците.

Во текот на протестот, претставниците на синдикатот остварија средба со претставници на Владата по која Владата соопшти:

„Оваа Влада го слуша и разбира гласот на работникот, со Синдикатите се договоривме да ги најдеме решенијата за повисока минимална плата и за унапредување на работничките статус и права“.

Според соопштението, Владата и синдикатите се договориле работната група да ги прибере сите потребни податоци со цел детална разработка на можните оперативни решенија за зацртаните социјални цели, најдоцна до 20 јануари 2022 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот