Белата куќа побара од Конгресот 2,5 милијарди долари за борба со коронавирусот

Парите ќе бидат насочени на лекување, развој на вакцина и резерви за лична заштита, вклучувајќи маски.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп побара од Конгресот 2,5 милијарди долари за борба против коронавирусот, соопштија синоќа од Белата куќа. Од таа сума, милијарда долари ќе бидат употребени за вакцини.

Администрацијата на Трамп сака да покаже дека е подготвена да се бори со коронавирусот во ситуација кога светските берзи паѓаат поради страв од вирусот, а тоа може да влијае на светската економија.

Вирусот ја помина границата на копнена Кина и се прошири отприлика во 29 земји и територии. Жаришта на заболувањето се појавија во Јужна Кореја, Иран и Италија.

-На ситуацијата гледаме многу сериозно. Денеска Администрацијата ќе предаде на Конгресот план за дополнително финансирање во висина од 2,5 милијарди долари за забрзување на развојот на вакцината, помош за спремност и брза реакција за запирање на ширењето на болеста – изјави Рејчел Семел од канцеларијата за менаџмент и буџет на Белата куќа.

Парите ќе бидат насочени на лекување, развој на вакцина и резерви за лична заштита, вклучувајќи маски, додаде таа.

Од посочените 2,5 милијарди долари, една и пол милијарда се нова помош, останатите пари се предлага да се обезбедат од веќе одобрените средства за борба со вирусот Ебола.

Претседателот на Комитетот за асигнации при Претставничкиот дом, Нита Лoуи, изјави дека паричното барање на Трамп е „смешно недоволно за заштита на Американците од смртоносната епидемија на коронавирус“. Демократскиот сенатор Чак Шумер изјави дека барањето ја „покажува неговата висока некомпететност”.

Во САД, вирусот не се прошири така како во Кина или во некои други земји, но претставници од американското здравство не исклучуваат таква можност, и покрај тоа што Американците кои се соочија со епидемијата се во карантин.

Според податоци на државниот Центар за контрола на заболувања и превенција (ЦДЦ), во САД досега има регистрирано 53 случаи на заболени од вирусот. Дијагнозите на 14 луѓе беа направени во САД, а останатите 39 се Американци повлечени од кинескиот град Ухан, центар на епидемијата, но и од крузерот „Дајмонд принцес”, уште едно жариште, кој се наоѓа закотвен на брегот на Јапонија и е под карантин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот