Бегалци, криза и хипокризија

милорад стојмановски
Милорад Стојмановски / Фото: Слободен печат

Ќе биде ли лицемерно ВМРО-ДПМНЕ при евентуален прием на украински бегалци по неколку подгревања на атмосфера за загрозеност на нацијата со „геноциди со предумисла“?

Постои ли опасност „проруски“ расположените граѓани да покажат нетрпеливост кон евентуалните бегалци од Украина што би пристигнале во земјава, ако се има предвид истражувањето според кое за повеќе од 40 отсто од македонското население алтернатива на Европската Унија е евроазиската унија?

Македонската влада завчера соопшти дека ќе им овозможи продолжен престој на украински државјани, а ќе им го олесни и влезот на нашите гранични премини на оние што се принудени да ја напуштат својата земја, без обврска за поседување негативен ПЦР-тест. Според можностите, се придружуваме кон земјите што нудат помош за четирите милиони Украинци, колку што се проценува дека ќе бегаат од руската воена агресија. За таа цел се подготвуваат и сместувачки капацитети во земјава.

Членките на ЕУ што креваа ѕидови и бодликави жици за да се заштитат од бегалскиот бран од Сирија, Авганистан и од други азиски и африкански земји, овој пат со раширени раце ги пречекуваат страдалниците од Украина, дури и во услови на пандемија. Бегалската хипокризија, односно промената на ставот е и поради стравот. Од довчерашниот „голем брат“.

Ќе биде ли лицемерна и ВМРО-ДПМНЕ која до неодамна подгреваше атмосфера на загрозеност на нацијата од наплив од бегалци, копирајќи некои европски сестрински народни партии? Пред само шест месеци портпаролот на партијата Наум Стоилковски на Фејсбук напиша дека на Заев му тупнале илјадници Авганистанци (а беа неколку стотици), коишто никој не ги прима поради можна одмазда на Талибанците?! Подоцна се потврди дека станува збор само за привремен престој на бегалци пред нивното заминување кон крајната дестинација.

Уште подраматично непотребно креваа паника пред две години, и тоа од собраниска говорница. Тогашниот пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Трајче Димков, инаку поранешен европски и светски првак како борач на Бучим Јака, ги „тушираше“ граѓаните со изречената глупост од невидени размери на овие простори дека еден милион Африканци ќе бидат населени во Македонија. „Сакам да споделам една информација, да ви кажам ексклузивно дека СДСМ сака да донесе еден милион Африканци во Македонија… Македонија тогаш ќе се вика Македонија-Етиопија. Тоа е договорено до 2030 година да се направи. Сакам да ја предупредам македонската јавност и за ова да остане трага“, беше ексклузивата искажана од експратеникот, кој не случајно ја одбра Етиопија за додавка во името, земја синоним за страдања, глад и болести. Сопартијците на Димков до ден-денес немаат сенс да се оградат од овој нонсенс. Ноторната лага остави длабока трага, но беше свесно пласирана од опозицијата спроти парламентарните избори во 2020 година поради нивната наводна грижа за опстанокот на нацијата, а всушност реална им беше загриженоста дали ќе дојдат на власт.

Секако дека проруското расположение кај речиси половина Македонци не е резултат само на овие бисери на опозицијата, но паметиме кога ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија беше солидарна и во 1999 година се согласи за прием на 360.000 бегалци од Косово. Секој јавен настап со кој се шират теории на заговор, ксенофобија и антизападно расположение, само го зголемува процентот на населението што е подложно на вакви дезинформации. Рефлексии од расизмот, шовинизмот и верска нетрпеливост во оваа изјава на Димков, видовме деновиве на три локации во Македонија, каде непожелни беа израелски верници. Анкетите, но и однесувањето на некои наши сограѓани како во случајот со „Лев Тахор“, потврдуваат дека вакви спамови се шират и надвор од социјалните мрежи како на стар компјутер без добар антивирус.

Украинските бегалци нема да влегуваат илегално во земјава, а не се ни Етиопјани, ни Авганистанци што звучат „страшно“ за да ни ги „тупнат“, но и Русите не се Талибанци. Заплашувањето со „геноцид со предумисла“ може да ни се одмазди и не смее да биде дел од политичка кампања зашто предизвикува голема штета со која треба да се справи и партијата што ја шири, а можеби утре ќе составува влада. Расчистувањето со сопствената хипокризија и со противречното однесување како власт и опозиција е лекцијата што треба да ја научат не само во ВМРО-ДПМНЕ, туку и многу други политички субјекти во земјава.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот