Балетскиот триптих „Молитви на моето тело“ ќе има изведба на „Танц фест Скопје“

Плакат за балетскиот триптих „Молитви на моето тело“

На големата сцена во Националната опера и балет, во рамки на јубилејното 20-то издание на фестивалот „Танц фест Скопје 2024“, на 23 април, во 20 часот, ќе биде изведена претставата „Молитви на моето тело“, со што завршува програмата насловена „Паралели“.

Претставата „Молитви на моето тело“ е балетски триптих, инспирирана од циклусот поезија со истоимениот наслов на Ацо Шопов. Потписници на кореографиите се Ивана Коцевска, на музика на Дарија Андовска за првиот дел под наслов „Раѓање“; Адријана Данчевска Ровчанин, на музика на Александар Гроздановски на вториот дел „Преплетување“; Саша Евтимова, на музика на Александар Пејовски на третиот дел „Вознес“.

Идејата за проектот е на Александар Ношпал, кој е воедно и костимограф, а драматург е Соња Здравкова-Џепароска. Сценографијата ја потпишува Михалјо Стојановски, визуелен уметник е Флоријан Чанга (Р Албанија). Видео анимациите во циклусот „Вознес“ се на Доријан Миловановиќ, мултимедија и графички дизајн на Лазе Трипков, стиховите ги чита актерот Никола Ристановски.

Фестивалската програма продолжува во петок, 26 април, во 20 часот, со отворање на изложбата „Рефлексии“ во „Мала станица“, на која ќе се претстави холандската фотографка Карла Шу со едицијата „Да се забележи моментот“; дел од авторството за танцови претстави на костимографот Благој Мицевски и ретроспектива на фотографии од „Танц фест Скопје“ во изминативе 20 години, низ објективот на фотографите Сашо Димоски и Драган Перковски.

Јубилејната прослава е планирана за 30 април, во 20 часот, во Македонскиот народен театар со кореографиите „The best of“ на Рисима Рисимкин и „Место. Многу посебно за неа“ на Адријана Данчевска Ровчанин во изведба на Скопје танцовиот театар. Вечерта ќе биде доделена и Наградата „Менада“ за врвни достигнувања во танцот, постхумно на балетскиот уметник Марин Црвенов.

Јубилејното издание на фестивалот е поддржано од Министерството за култура, Францускиот институт, Виталија, Бовин, Австриската амбасада во Скопје, а програмата се изведува во соработка со НОБ, МНТ, МКЦ, Националната галерија. Медиумски покровители се МРТВ, Радио Антена5, Радио Бубамара, Метрополис, Сити радио, Урбан ФМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот