Ангелов со апел до граѓаните: Бегајте, евакуирајте се, човечкиот живот е бесценет
Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов попладнево изрази сочуство до сопругот на жената од Челопек, кумановско која загина во пожарот што го зафати ова село.
-Тажно е тоа што се случи во кумановски Челопек, еден живот е загубен, тоа е она што неколку дена го зборуваме. Безбедноста на прво место на луѓето, куќите ќе ги направиме. Ќе помогне владата, ќе помогне општината. Дрвјата ќе пораснат, нема за една година, им треба многу време, но колку буки или борови вреди еден човечки живот, запраша Ангелов.
Токму затоа ЦУК ќе се фокусира на спасување на човечките животи, да се фокусираме ба заштита на човековото здравје.
-Тешко е да се напушти домот што некој го градел со сопствени раце, со мачно заработени пари целиот свој живот. Но нов дом ќе се направи, ве уверувам дека државата ќе помогне, но нов живот нема да се врати. Затоа апелирам до сите граѓани кои ќе се најдат во место каде пожарот се движи кон нив, тоа може да му се случи на секој, дури и на оние граѓани кои сега се далеку од пожарите, бидејќи пожарите се шират со чудна брзина. Дури има некои моменти како тие пожари се палат одеднаш, на повеќе локации. Полицијата работи на барање на причинителите. Бегајте, евакуирајте се, човечкиот живот е бесценет, нагласи Ангелов.
Тој зборуваше за капацитетот на хеликоптерите во кои како ресурс сите гледаат спас.
-Во Европа не постои хеликоптер кој гасне пожар ноќно време, да не шириме, бес гнев и паника меѓу граѓаните. На хеликоптерите не можеме да сметаме откако ќе се намали дневната светлина. Тие мора безбедно да се вратат во база. Со нив управуваат луѓе. Животите на тие луѓе нам ни се многу важни, хеликоптерите туку луѓето кои управуваат со нив. Над 37 степени Целзиусови температура на воздухот не е безбедно летање со хеликоптери, Гаснењето на пожар го прават на 5 некаде над 10 метри. Тие се над огнот. Температурата е многу висока, како да се на ражен, рече Ангелов и уште еднаш потенцираше дека мора да се грижиме и за животите на тие луѓе, „нашите херои, пилотите“.
-Паничното барање хеликоптери од разни „стручни лица“ во јавноста шири само страв, паника, недоверба кон она што ние како стручни лица од ЦУК го преземаме. Верувајте го преземаме сето она што би го презел секој ваков центар. Ништо повеќе, ништо помалку. Српските хеликоптери може да летаат на малку повисока температура, но тие носат помалку вода од македонските, речиси двојно. Тие се помали и носат и помалку гориво кои побрзо се троши. Тоа се случи утрово кога направија неколку лета и мораше да се вратат на аеродром да наполнат гориво, рече Ангелов.
Како што појасни директорот на ЦУК една опција вчера зборувана во координација со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и српските пилоти на хеликопетри е гориво да се донесе со цистерна поблиску до местата каде гаснат пожари, како на пример касарната во Штип, но и тој начин содржи одредени ризици.
-Треба да се направи добра анализа и пресметка колкав и ризикот и дали во овој момент тоа е безбедно, нагласи Ангелов.
Во овој момент владата заседава и треба да донесе одлука за оваа опција со гориво во цистерна во касарните.
Проблем за гаснење со хеликоптер е и ветерот, па затоа поради силниот ветер, полетале само македонските хеликоптери, но не и српските кои се полесни.
-Граѓаните да бидат многу внимателни, Доволно е само мала искра, еден отпушок од цигара, може да убие човек. Да се сплотиме сите заедно и да работиме да не се појавуваат пожари. Необјасниви се причините за појавата на некои од пожарите, вели Ангелов.