Аман, Собрание, распушти се!

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Бројчано и персонално произведен од травестијата на последните избори кога, со тешка мака, се рушеше „Бастиљата“ на минатата власт – „диктатура“, „режим“, „автократура“… одберете квалификатив по сопствено наоѓање – Собранието помина низ, убедливо, највалканиот период на македонската политика, од осамостојувањето до денес.

Овој состав на македонското Собрание ќе се памети со истиот историски интензитет со кој ќе сакаме што побрзо да го заборавиме!

Бројчано и персонално произведен од травестијата на последните избори кога, со тешка мака, се рушеше „Бастиљата“ на минатата власт – „диктатура“, „режим“, „автократура“… одберете квалификатив по сопствено наоѓање – Собранието помина низ, убедливо, највалканиот период на македонската политика, од осамостојувањето до денес. Ги практикуваше методологиите на сите познати и тешко замисливи политички заговори, од кои би се засрамиле римските конзули и цезарите од времето на Калигула и Нерон; Макијавели не им е ни до глуждови. Беше на работ реално да го репризира палењето на Раjхстагот од 1933 година. Од пазарењата, подметнувањата, лицемерието, лажењето и наддавањата би можеле да учат најдобрите џамбази на сточниот пазар во Кривогаштани.

Овој пратенички состав ја „отрезни“ демократската романса на граѓанската „епопеја“ од Шарената револуција, а во него ќе завршат повеќе осомничени и амнестирани криминалци на квадратен метар, од членството во бандите на Бронкс на квадратен километар.

Додека тие заседаваа, одлуките се носеа во Клубот на пратеници, бидејќи секој секому нешто должи, а сметката мора да ја потпишат крчмарите.

Во ова Собрание Заев, со еден-двајца пратеници владино мнозинство, вежба(ше) демократија „развлечена“ до две третини поддршка, како што ластик се тегне на распарани гаќи. Во него ДУИ докторираше хипокризија, а запиша и пост-докторски студии по предметот Мижи-бутај. Од него Груевски кукавички пребега, во него Муковски ширум порти отвораше, на Зијадина главата му ја искршија, Амди половина мандат го преспа, а во заборав го испративме Иванов и со надеж го дочекавме Пендаровски… Плус, отворивме рафинерија за нафта за да им ги покриеме патните трошоци на скромните избраници на народот.

Па, сепак, тоа е Собранието коешто, во стилот на олимписките рекордери во кревање тегови – знаете, оние набилдани типчиња со бордо напнати фаци за кои не сте сигурни дали од напор на душекот ќе прднат или ќе го соборат следниот светски рекорд – го изгласа и Преспанскиот договор и Референдумот за името и десетици други реформски и уште толку полуреформски закони, за на крајот да го ратификува и нашето пристапување во НАТО… Да ви се смачи од самата помисла дека, кога нас ќе нè нема, нив групно ќе ги паметат, макар како фуснота, запишани во македонската историја.

А последните, полноќни вести се дека ова Собрание не сака да се распушти! Како што тргнало, изгледа сме поблиску до ново владино мнозинство, одошто до потребното мнозинство за изгласување на Законот за јавно обвинителство и другите предизборни дребулии.

На ДУИ не им останува уште многу време за блефирање. Сега е моментот кога ќе мораат да одлучат дали повеќе им иска одошто им стиска. Ќе одат на избори или во опозиција? Иако првото не го исклучува второто…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот