Абит Идризи од Сарај ѝ се измолкна на смртта: Паднав од покривот од 9 метри висина, но се борев за моите две малолетни деца!

Приказната на триесетиосумгодишниот Абит Идризи од општина Сарај има неизвесен почеток, но среќен крај. Пред околу три месеци работејќи на покривот од неговата семејна куќа, доживеал пад од деветметарска височина. Настанот му го променил животот засекогаш, но како и после секој животен предизвик, од него излегол посилен и благодарен за новиот почеток. Од коматозна состојба проследена со неподвижност, контузии и скршеници, за само три месеци со соодветна медицинска грижа и дисциплинираност, успеал значително да се опорави, дури и да вози автомобил!

– По падот бев во многу тешка состојба, со контузии, скршеници и во кома, неподвижен. Лежев на одделението за неврохирургија, во кома, а после лекувањето таму ми одредија физикална терапија. Бев на преглед во ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во одделот за физикална терапија и таму состојбата почна да ми се подобрува, раскажува нашиот соговорник.

Од болницата велат дека физикалната терапија која му била одредена на пациентот била под водство на доктор Елена Брезовска, специјалист физијатар.

– Таа се состоеше од електротерапија и кинезитерапија. Пациентот не можеше да оди, ниту да ги мрда прстите. Значи, дојде со количка и се работеше многу претпазливо со него. Дојде по оперативниот зафат на фрактура на главата со дијагноза контузија на глава и скршеници на лактите. По еден месец од физикалната терапија и доста индивидуални вежби од страна на физиотерапевт, пациентот почна сам да оди и имаше делумно движење на рацете. Нашиот пациент доаѓаше на кинезитерапија секој ден. Сега веќе самиот може да се движи, да оди и се врати на своите нормални секојдневни активности, меѓу кои и тоа што може да го вози својот автомобил, велат од болницата за Слободен печат.

Оттаму додаваат дека Идризи бил еден од најдисциплираните пациенти.

– Затоа неговиот успех за така краток временски период е голем. Тоа е и нашата визија, пациентите да бидат задоволни. Тоа е најголемата награда за нашиот труд, додаваат од болницата.

Идризи вели дека најголема мотивација да го издржи тешкиот пат и да застане на здрава нога, му претставуваат самата желба за живот, но и семејството.

– Знаев дека морам да останам здрав за моите две малолетни деца и за моето семејство. Секако дека немаше да успеам доколку ја немав оваа индивидуална терапија од физиотерапевтите и доктор Елена Брезовска, кои направија сѐ што е во нивна моќ и ќе им бидам вечно благодарен, вели Идризи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот