А, можеби фашизмот и не е толку лош?

мирослав грчев
Мирослав Грчев. / Фото: Приватна архива

Како е можно ние во Македоња, што тој смртоносен фашистички трик го живеевме цела деценија, повторно да ја сметаме ВМРО-ДПМНЕ за легитимна политичка партија која заслужува шанса на избори или со парламентарни ујдурми да дојде до власт? Што не е в ред со нас?

Запрепастува фактот дека човечките општества се хронично неспособни да го согледаат наидувањето на големите несреќи. Најголемата од сите – фашизмот – не само што не била забележана, туку во многу земји предизвикала восхит кој прераснал безмалку во планетарно прифаќање. Најдобар пример за ова тешко ментално слепило со пандемиски размери се олимписките игри во Берлин 1936. Дотогаш нацистичката власт веќе ги беше покажала на дело нејзините капацитети за тортура и убивање, и ги беше донела злогласните расни закони што потем станаа правен темелник на холокаустот. И, ништо: на Олимпијадата учествуваа дури 49 држави. Најмногу дотогаш, и најмногу од кога се обновени игрите.

Некој ќе рече дека било прерано за да се прогледа, но една година пред светскиот спектакл, во 1935 година, веќе биле донесени и здушно се спроведувале таканаречените „Нирнбершки закони“ – најзлосторничките закони што модерната доба ги видела. Во едниот од нив, во Законот за државјанството, дословно било нормирано дека „Евреинот не може да биде државјанин на Рајхот“ туку само „поданик“, и дека „нема право да гласа и не може да има каква и да е јавна функција или работно место“. Со декретите со кои овој закон бил разработуван, ова злосторничко неправо ескалирало во пароксизам, во потполна дехуманизација на Евреите, а некоја година подоцна и до нивното масовно истребување. И, ништо: освен осамените гласови на комунистичките партии и други левичарски движења, како и на еврејските здруженија во Америка, ниту една држава не ни помисли да ја бојкотира Олимпијадата.

Фашизмот никогаш не умира

Некој, во денешната ера на заборав и дезинформации, би помислил дека во 1936 година и не било можно да се замисли што нацистите наумиле, но германските фашисти не само што не ги криеја своите намери, туку гласно ги објавуваа и ги спроведуваа од првиот ден откога дојдоа на власт. Цели три години пред Олимпијадата, уште со првиот закон што Хитлер го донесе со декрет – Законот за овластувањата – на целиот свет јасно му се објавени неговите намери. Со законот се суспендирани законодавните овластувања на парламентот и е воведена тоталитарна автократија во Германија. Со него е нормирана нееднаквоста пред законот и правната дискриминација по однос на политичките убедувања и потеклото.

Веднаш по него, во јули 1933, е донесен Законот за заштита од новородени со наследни болести, со кого се трасирани и еугеничките проекти за прогон, тортура и убивање на „сексуално настраните“ како и на хендикепираните Германци, со кои – и во време на одржувањето на Олимпијадата во Берлин – веќе биле убиени првите од десетте илјади хомосексуални жртви на нацистичкиот режим. Со тој злосторнички закон бил трасиран и патот за подоцнежното присилно стерилизирање на безмалку 400.000 Германци (кои биле прогласени за носители на наследни недостатоци), а дури 200.000 ментално и физички хендикепирани државјани на Рајхот биле прогласени за „невредни за живеење“ и подоцна убиени.

И, ништо од тоа не било доволно за фашизмот да биде препознаен како најголема несреќа што му се заканува на целиот свет, а не било ни причина на најзлосторничката идеологија во историјата да не ѝ се обезбеди светски спектакл – безмалку планетарна слава и одобрување – на берлинската Олимпијада 1936.

Истото ментално слепило што во 20-тите и 30-тите години во фашизмот гледаа прифатливо или пожелно решение, го обезбедува растот и јакнењето и на современиот фашизам, повторно на планетарно ниво. Така што, сосем се јалови дебатите со современите „стручњаци“ за непрепознавање на фашизмот, зашто тие упорно тврдат – спротивно на здравиот разум – дека денес фашизмот веќе не постои, и дека самата употреба на поимот во политичкиот дискурс е политичка некоректност, навреда или пцост. Но, фашизмот е – како што тоа сосем јасно го објасни Умберто Еко – вечен. Фашизмот никогаш не умира, туку само се крие под камења и во длабоки јазови, чекајќи ги погодните услови да излезе и да ја истури својата мизерија врз светот.

Генеричкиот рецепт за фашизмот е неверојатно едноставен и секогаш е ист. Рецептот е следниот: од никаде се појавува ултранационалистичка и преродбеничка партија, која има плачна и гневна реторика на жртва што им е читлива на очајните. Таа беспогрешно ги препознава вистинските проблеми на масите, но им нуди лесно, зловесто и безмерно погрешно решение. Преродбеничката партија на мизерните им нуди сосем заблудувачко повторно раѓање, овој пат како надлуѓе што (симболично, со црвени четки на главите) ќе ја носат славата на лажните предци, како и жежок кичерски патриотизам – да им го крепи нарушениот идентитет, а на елитата им го сервира општото добро за ограбување. За преродбата секогаш е најважно националното единство, што фашистичката партија на власт го остварува со револуционерни промени на општествениот поредок: со стопувањето на партијата, народот и државата во една органска целина.

Нашата фашизоидна партија

Овој генерички рецепт болно го истрпевме на наша кожа, а домашното вечно зло формулата ја има и во својот акроним: (ВМ) Револуционерна Организација за (ДПМ) Национално Единство. И како е тогаш можно ние во Македоња, што тој смртоносен фашистички трик го живеевме цела деценија – до пред само четири години, и сѐ уште тлееме во сенката на спомениците на злото; ние, кои уште тешко ги влечеме нозете низ калта што ни остана од фашистичката вмровска „заробена држава“; како е можно повторно да сме на работ од истиот фашистички амбис и да се однесуваме како да ни е првпат? И повторно да ја сметаме ВМРО-ДПМНЕ за легитимна политичка партија која заслужува шанса на избори или со парламентарни ујдурми да дојде до власт? Што не е в ред со нас?

Стварно, како е можно толку Македонци во ВМРО сѐ уште да не препознале дека фашизоидната партија секогаш ќе им биде смртна закана за македонскиот национален и културен проект, и за слободата и за демократијата како таква? И, колку чифта неврони треба човек да има во черепот за да може десетината милијарди евра украдени јавни пари, осакатениот национален идентитет, силуваниот јавен простор, фалсификуваната историја и претворањето на македонската држава во мафијашка диктатура, да ги изедначи со неплатениот кожен тросед на Катица и двата – сѐ уште недокажани – сомнителни тендери на Драги!?

Или, можеби, фашизмот и не е толку лоша работа?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот