Некој ќе си ги пакува куферите…

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Една изјава на Мицкоски од Брисел ми го привлече вниманието: дека „го држат Заев за збор“, ако ги изгуби претседателските избори, да распише вонредни парламентарни.

Тоа може да звучи логично, особено ако се почитува и „симетричната“ обврска: дека ако Мицкоски ги загуби претседателските избори, тој да се повлече од позицијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа ќе биде сублиматот на оваа историска фаза во која се наоѓа Републиката, преку гласот на сите граѓани да се реши дали мнозинството сè уште ја поддржува политиката на Груевски (Мицкоски) или политиката на Заев, околу името, околу правната држава, околу СЈО, околу работата на државната администрација и околу двата различни концепти за функционирањето на демократијата, воопшто.

Можно е мнозинството гласачи и поинаку да „пресече“: да реши да не излезе во доволен „цензуски“ број на избори, што ќе значи неуспех на претседателскиот натпревар, но само како порака за заеднички неуспех и на двете партиски номенклатури за тоа во која состојба, генерално, се наоѓа политиката во земјата.

Има на овие избори и една „странична“ приказна, во однос на албанското гласачко тело, кај кое, барем во првиот круг, ќе провериме колкав е угледот на ДУИ како „вечен“ коалиционен партнер во власта. Не е сеедно дали Блерим Река ќе освои 50 или 100 илјади гласови на својот изборен тикет, бидејќи тоа ќе претставува јасен „поздрав“ за тоа што мислат Албанците за ДУИ, општо, и за Али Ахмети, посебно. А потоа, во вториот круг, што мислат и за Заев, бидејќи Мицкоски секако јасно ги повика да не гласаат за нивниот претседателски канидат.

Според тоа, овие претседателски избори се, повторно, со историско значење, бидејќи нивниот резултат ќе ја реши не само дилемата за тоа дали Силјановска-Давкова или Пендаровски – а можеби, привремено, и Талат Џафери – ќе стане претседател на државата, туку и кој од двајцата партиски првенци – Мицкоски или Заев – ќе треба да си ги „пакува куферите“ од активното занимавање со политика во Македонија. Груевски претходно замина без багаж, ако не се смета паричникот.

Ова се високи, највисоки влогови за раководствата на власта и опозицијата. За сега, сите се сигурни во својата победа. Но, не е јасно кога и кому, нагло, ќе почне да му одговара Џафери да стане привремен претседател на државата. Ќе има таков „момент на вистината“, секако не подоцна од објавувањето на резултатите по првиот круг на гласање.

Како, тогаш, ќе се толкува кој од раководствата ќе треба да си ги пакува куферите? Дали недоволниот одзив на изборите – со активен или пасивен бојкот – ќе биде пораз за власта или за опозицијата… освен што, повторно, ќе биде победа за ДУИ?

Како што се гледа, сите опции за пакување куфери се отворени. Но, не се грижете, сите имаат со што да ги наполнат.

Извор: Цивил медиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот