Звучи неверојатно: Мачките имаат 300 изрази на лицето преку кои комуницираат

Фото: Pexels

Една нова студија открива дека мачките користат речиси 300 изрази на лицето за да ги покажат своите чувства.

За време на едногодишното истражување, научниците снимиле вкупно 276 различни изрази на лицето во глутница од 50 мачки кои живеат во едно кафуле во Лос Анџелес. Изразот на лицето на мачките се движел од разигран до агресивен, пишува „Лајв саенс“.

Ова е една од првите студии што навлегува подлабоко во тоа како мачките комуницираат, настрана од очигледното предење и мјаукање.

Фото: Pexels / Tranmautritam

Во студијата се вели дека изразите на лицето кај кучињата, шимпанзата и луѓето често биле проучувани со текот на времето, при што е откриено дека луѓето имаат 44 изрази на лицето, кучињата 27, а шимпанзата неверојатни 357. Сепак, недостигаше истражување за експресивноста на мачката.

Фото: Pexels / Guillaume Meurice

„Литературата е многу ретка, а многу студии се фокусираа само на односот меѓу мачките и луѓето во текот на 10.000 години припитомување. Во кафулето за мачки успеавме да ги документираме спонтаните интеракции меѓу мачките и да ги снимиме нивните изрази на лицето“, изјави Британи Флоркиевич, коавторот на студијата и доцент по психологија.

Фото: Слободен печат

Секој поединечен израз комбинирал приближно четири од 26 уникатни движења на лицето, вклучувајќи отворена уста, проширени или згрчени зеници, трепкање, свиткани агли на устата, лижење на носот и различни положби на увото.

Фото: Pexels / Dominika Roseclay

За време на една интеракција, научниците забележале дека еден пар мачиња брзо го смениле расположението – од игриво до агресивно.

„Беше изненадувачки да се видат како се борат во играта, но потоа работите ескалираа во агресивна борба. Можете да ја видите промената во нивните изрази на лицето. Прво, очите на едната мачка беа опуштени, а ушите и мустаќите беа напнати, во позиција да ѝ пријдат на другата мачка. Но, тогаш сè се промени, таа ги повлече ушите и мустаќите наназад и брзо го промени своето однесување“, раскажува Британи.

По прегледувањето на снимките, научниците заклучиле дека изразите на лицето на мачките се попријателски (45 отсто) отколку агресивни (37 отсто). Имаше и 18 отсто од оние кои спаѓаат во двете категории.

Фото: Pixabay

Научниците, исто така, открија дека многу изрази – вклучувајќи го и она што тие го нарекоа „лице за играње“, што се карактеризира со повлечени агли на устата и спуштена вилица како мачката да се смее – се слични кај голем број видови, вклучително и луѓето, кучињата и мајмуните.

Истражувачите сè уште се надеваат дека студијата ќе помогне да се расветлат безброј изрази на видот кој често се опишува како повлечена, незаинтересирана и студена.

Фото: Pexels / Vadim B

„Се надеваме дека засолништата и здруженијата за животни ќе го искористат нашето истражување за подобро да ги проценат мачките што се грижат за нив“, вели Британи

„Исто така, ни пристапија компании кои сакаат да дизајнираат апликација која им овозможува на луѓето да снимаат [и декодираат] изрази на лицето на мачките“, додаде таа.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот