Фото: Pexels / Isaiah Stilwell

Зошто кучињата не ја сакаат есента? На нивната листа со омразени работи се „дувалките за лисја“, алергиите, студот

Некои луѓе ја обожаваат есента, бидејќи таа е симбол на прекрасни бои и омилени плодови, како што се тиквата, јаболката, грозјето, но воедно е и период на меки, топли чизми, кратки патувања, планинарење или пак читање.

Сепак, кучињата ја доживуваат есента поинаку и сосема е логично што не им е грижа за облекувањето во слоеви, убавината на природата и есенските плодови. Како што тврдат експертите, кучињата не ја сакаат есента поради многуте изненадувања што доаѓаат со ова годишно време, пишува „Киншип“.

Алергии

Од алергии не страдаат само луѓето, кучињата исто така страдаат од алергии, а во есен се јавува врвот на алергиите, со полен во воздухот од амброзија и прашина од паднатите лисја и мувла. Ако кај вашето куче се појават симптоми како чешање на кожата и солзење од очите и носот, сосема сигурно станува збор за алергија поради појавата на нови спори на мувла и други антигени. Затоа ветеринарите препорачуваат детално бришење на шепите и стомакот по прошетка.

Студ и влага

Кучињата не уживаат во влажно и студено време, а кај старите и болни кучиња есента е поттикнувач за појава на болки во зглобовите. Студеното и влажно време предизвикува влошување на артритисот кај кучињата, како и кај луѓето. Кучињата кои страдаат од артритис потешко и побавно стануваат од седечка положба и помалку сакаат да се качуваат по скали. Постарите кучиња и големите раси со остеоартритис често повеќе куцаат во студените денови, а влажните лисја значат повеќе лизгање и микроистегнувања. Можете да му помогнете на вашето куче со пет минути лесна прошетка на поводник пред било каква поактивна игра. Слабите или постарите кучиња ќе имаат корист од топла јакна, скратени нокти и лесни вежби со мало оптоварување.

Враќање во училиште на децата во семејството

Ветеринарите наесен забележуваат зголемување на анксиозноста кај кучињата поради одвојувањето од децата и останатите членови на домаќинството. Кучињата летно време постојано ги имаат децата во своја близина, а кога ќе почне училиштето, сѐ се прекинува, па кучето е принудено често долго да останува само во домот. Посветете му дополнително внимание на кучето првите неколку недели по враќањето на децата на училиште за да му пружите внимание и љубов кои ќе се „намалат“ поради обврските на сите членови на семејството.

Купишта лисја

Големите купишта лисја може да изгледаат совршени сѐ додека кучињата не почнат да скокаат во нив. Меѓутоа, има кучиња кои ги заобиколуваат овие влажни и крцкави купишта во кои понекогаш се кријат разни изненадувања, од животни до опасни предмети. Во влажните лисја често се кријат мувла, бактерии и паразити, како и остри стапчиња, животни како глувци, верверички, ежови и други кои бараат привремен дом во есенските лисја.

„Дувалки“ за лисја

Луѓето кои се задолжени за уредување на јавните површини наесен го средуваат просторот околу станбените згради, а меѓу нив се и т.н. „дувалки за лисја“ кои кај кучињата може да предизвикаат само вознемиреност, поради бучавата што ја произведуваат нивните машини при отстранувањето на лисјата од тревните површини.

Пократки денови

Пократките денови значат помалку сончева светлина, а овој факт подеднакво тешко им паѓа и на луѓето и на кучињата. Сезонската „депресија“ се случува поради скратувањето на траењето на дневната светлина, што ни кучињата не го поднесуваат сосема добро, па доживуваат промени во однесувањето или го менуваат расположението. Некои кучиња развиваат „сезонско афективно нарушување“ и стануваат потроми или подепресивни. Затоа приуштете му на кучето доста прошетка на дневна светлина и дополнителна ментална стимулација со играчки-сложувалки кои ќе ги „вработат“ мозочните вијуги на кучињата.

Летно сметање на времето

Честото „поместување“ на времето за еден час нанапред или наназад остава „последици“ и врз кучињата кои веројатно се збунуваат кога им го сервираме оброкот порано или подоцна во однос на саатницата на која се навикнати. Некои миленици стануваат поспани и полетаргични, па неопходно е да се надополни нивното време со повеќе стимулација и забава.

Есен, празници, костими

Сопствениците на кучиња во одредени западни земји уживаат во тоа пред почетокот на прославите на кои им се радуваат и ги практикуваат секоја есен да осмислат тематска забава и да набават костими и соодветни предмети со кои ќе ги „разубават“ и забавуваат своите миленици. Меѓутоа, повеќето кучиња не поднесуваат забави под маски, бидејќи трпат на себе секакви наметки, капи, маски и слично. Важно е да се осигура дека на кучињата секој празник што го прославуваат нивните сопственици им е забавен и ненаметлив. Ако баш сакате вашето куче да стане маскота од Ноќта на вештерките, додатоците или одредени парчиња облека немојте да ги врзувате и прицврстувате околу вратот, ушите, очите и препоните на кучето. Избегнувајте облека и костими со панделки, реси и други лабави делови.

Опасни искушенија

Искушенијата за кучињата во есенските денови се насекаде околу нив, од слатки и печено месо со кои ги полниме масите и чиниите до печива, алкохол, мрсни закуски и празнична декорација. Ако му „попуштите“ на кучето во кој било момент кога станува збор за храна што не смее да ја јаде, многу брзо ќе ги почувствувате последиците од вашата благонаклоност во вид на стомачни тегоби кај миленикот кои во зависност од она што ќе го изеде може да бидат поблаги или посериозни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот