Жителите на Црниче со страв ги напуштаат домовите, крадци „оперираат“ низ населбата и дење и ноќе

Жителите на Црниче со месеци алармираат дека низ населбата „оперираат“ крадци кои влегуваат во нивните домови дури и среде бел ден и бараат заштита од институциите. Тие велат дека стравуваат и за кратко да ги напуштат своите домови затоа што арамиите не се плашат од ништо, влегуваат во куќите во секое време, преку тераси и прозорци, а не ги спречуваат ни камерите кои луѓето ги поставиле на куќите за да ги заштитат своите домови и на кои се снимени неколку обиди за кражби.

Цел на напад, според зборовите на тамошните жители досега биле куќи на улиците Свети Наум Охридски, Востаничка, Рилски конгрес, Баница, Жванска, но и на улица Благоја Гојан во Пржино. Според жителите, крадците стануваат сѐ подрски, а пријавите до полицијата досега не даваат резултати. Дури, како што тврдат, им било препорачано приватно обезбедување, затоа што немало доволно полицајци да патролираат на терен. Па така, препуштени сами на себе, жителите понекогаш, кога кражбите ќе зачестат, организираат и ноќни стражи.

„Комшии внимавајте, крадците оперираат на најјако во населбава. Вечерва повторно е извршена провала во куќа на улица. Св.Наум Охридски и ова не е прв пат. Влезено е во фамилијарна куќа во која има постојана фреквенција на луѓе во секое време и не се ни плашат дали ќе ги пресретне некој“.

„Вчеравечер на улица Баница, мојот сопруг видел двајца момци во црно облечени со црни капи како влегле кај комшиите. Во прв момент не помислил дека се крадци, но домаќините ги виделе на камера и почнале да трчаат по нив, но не успеале да ги фатат. Внимавајте сите!“

„Кражбата се случи во периодот помеѓу 22 и 22:30 часот на улица Баница. Сите бевме дома, осветлено, отворени прозори и бандитите без никаков проблем си дошле да оперираат. Внимавајте бидејќи веќе не бираат ни место ни време.“

„Во понеделник вечерта околу 23 часот украден е мотор од гаража, има видео снимки од камери. Двајца крадци неколкупати влегуваат, излегуваат најкомотно и го крадат моторот од гаража, иако светлото пред влезната врата е на сензор и свети. Крадците се со кациги, значи дека се со мотор дојдени. Ова се случи на Востаничка. Околните куќи се исто така пред неколку месеци посетени.“

Ова се само дел од речиси секојдневните објави на жителите на Црниче на социјалните мрежи, со кои ги предупредуваат своите соседи да внимаваат. Луѓето се крајно загрижени од непостапувањето на институциите и бараат некој да се погрижи за нивната безбедност и на улиците, кои во изминативе месеци се на удар на крадците, да патролираат полицајци.

Од Министерството за внатрешни работи тврдат дека се преземаат мерки, а ќе има и засилени патроли.

Во наредниот период од страна на УПС ќе има зачестени патролни и позорни служби на посочените места со цел превентивно делување, односно спречување на извршување кривични дела, како и собирање на информации и сознанија за откривање на сторителите на веќе извршените кривични дела – одговараат од МВР на прашањето што ќе преземат во врска со кражбите во овој дел од Скопје.

Оттаму објаснуваат дека во периодот од 01.07.2023 година до 29.08.2023 година на подрачје што го покрива ЕВР Кисела Вода извршени се четири тешки кражби во куќи и една тешка кражба на возило.

За сите кражби од страна на полициски службеници од ЕВР Кисела Вода известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расветлување на кривичните дела и откривање на сторителите – информираат од МВР.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот