„Зелен хуман град“ : Надлежните да одговорат зошто досега никој не покренал кривични постапки против УСЈЕ и другите индустриски загадувачи

Фото: Слободен печат/Д. Митрески

Активистичките групи, членки на граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ со години повторуваат дека индустријата во Македонија е крајно неконтролирана и дека не постојат прецизни и објективни податоци за степенот на аерозагадување што го предизвикува. Со последниот „инспекциски надзор“ над УСЈЕ тоа многу пластично се покажа, велат од ЗХГ.

Министерството за животна средина и просторно планирање и Државниот инспекторат за животна средина деновиве објавија низа документи и информации во врска со инспекцискиот надзор спроведен над УСЈЕ во периоди на високо аерозагадување, кои според ЗХГ ги продлабочија сомнежите и ја разоткрија трулоста на системот кој ревносно ги штити големите загадувачи за сметка на јавното здравје.
Анализирајќи ги јавно достапните документи од ЗХГ воочиле неколку факти, меѓу другото, дека вонредниот инспекциски надзор над УСЈЕ бил најавен, дека со отпочнувањето прекршочна наместо кривична постапка, инспекторот од ДИЖС потенцијално спречил кривичен прогон на УСЈЕ во склад со начелото Ne bis in idem.

Од Иницијативата наведуваат и други забелешки, како што се дека се мереле емисии на само три од вкупно 12 оџаци во УСЈЕ. Според Закон и согласно А-интегрираната дозвола, тие се обврзани да ги мерат емисиите од сите 12 оџаци, поточно, како што наведуваат од ЗХГ, обврската е континуирано (секојдневно) да се мерат емисии на 10 оџаци (2 ротирачки печки, 2 ладилника за клинкер, 4 мелници за цемент и 2 мелници за цврсто гориво), а двапати годишно да се мерат емисиите на 2 оџака (1 парен котел на мазут и 1 парен котел на гас). Но како што се наведува во соопштението од ЗХГ, никаде не се јавно достапни дневните извештаи од континуирано мерење на 10 оџаци во УСЈЕ, што повторно е неисполнета обврска од дозволата. Никаде не се јавно објавени ниту резултатите од 24-часовното мерење на ПМ 10 честици во кругот на фабриката што се реализирало за време на вонредниот надзор.

Во објавениот извештај од мерењата спроведени од лабораторијата „Еуромак-контрол“ недостасува табела со број 7.2.6, па од ЗХГ прашуваат дали таа ги содржи податоците со мерењата на ПМ10 честиците и дали намерно е испуштена? Како што велат и во извештајот од ротирачката печка број 3 од автоматски мониторинг на 28 декември 2022 г. недостасуваат податоци за дури 10 часа.

УСЈЕ до Државниот инспекторат за животна средина доставува месечни извештаи. Во тие извештаи не може да се видат аномалиите кои се видливи во дневните извештаи. За да бидат веродостојни дневните мерења, во 24 часа мора да постојат податоци од мерења за минимум 16 часа. Ако не постојат мерења за минимум 16 часа, мерењата од тој ден се сметаат за невалидни. За да бидат веродостојни месечните мерења, не смее повеќе од 10 дена да има невалидни мерења. Нејасно е кој и дали воопшто некој ги валидира мерењата на дневна основа. Нејасно е како инспекторот кој го контролирал извештајот од автоматски мониторинг не го оспорил бидејќи тој содржи податоци за само 14 часа?! – се вели во соопштението од „Зелен хуман град“.

Отаму инсистираат ДИЖС и Министерството за животна средина и просторно планирање да одговорат на жителите на Скопје колку години и УСЈЕ и останати индустриски капацитети се толерирани и никој не покренал кривични постапки иако се забележани огромни недостатоци во мерењата како при последниот спроведен надзор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот