„Зелен фронт против мали хидроцентрали”: Проблемите со водоснабдување во Тетово се последица на градењето на шарските реки

Фото: mia.mk

Иницијативата на граѓански здруженија, екологисти, планинари „Зелен Фронт против мали хидроцентрали” реагира поради неколкудневните проблеми со водоснабдување во Тетово кои, според нив, се последица на изградбата на неколку мали хидроцентрали на шарските реки.

– За жал, се случува она на што „Зелен Фронт против мали хидроцентрали” уште лани предупредуваше, а тоа е дека уништувањето на природата за профит, кога-тогаш ќе се одмазди на луѓето. Изградбата на неколку мали хидроцентрали на шарските бистри реки не само што трајно ги уништува самите реки и живиот свет во нив, не само што го загрозува водоснабдувањето на луѓето од шарските села, туку, еве и на Тетово му испраќа предупредување кое вели: Стоп за изградба на мали хидроцентрали на шарските реки, стоп за хидроцентралата на Лешница, велат од Иницијативата.

Според претставници на иницијативата „Зелен фронт”, природата за само неколку месеци неколкупати ги опоменува тетовци и надлежните дека штетата е поголема од придобивките со градењето на енергетските објекти.

– Посегањето по реката Пена и нејзините притоки, нивното заробување во цевки, бетонирањето и преградувањето на нивните корита за изградба на мали хидроцентрали носи корист за малкумина, а штети за сите останати, вклучувајќи ја и самата природа. Во септември во 2020 година, поради заматување на водата кај каптажата Лешница, предизвикано од копање во самото корито за изградба на хидроцентрала, Тетово имаше отежнато снабдување, во јануари годинава повторно се заматија лешничките води на Пена и повторно тој крак од тетовскиот водовод беше исклучен од системот, за по само еден месец природата да ја испрати и третата опомена, велат во соопштението.

Тие предупредуваат дека тетовци треба да свртат погледи кон планината и да се запрашаат кој дозволува штетни проекти кои засекогаш ја уништуваат природата.

– Државниот Инспекторат за животна средина лани утврди дека изворот за водоснабдување на Тетово во месноста Лешница е незаштитен, бидејќи нема определено заштитни зони, како што налагаат законите, а државата дозволува градилиште среде Пена. Малата хидроцентрала која се гради среде реката, на Лешница, не е само рана врз планината, која никогаш нема да се залекува, туку е вистинска опасност и за луѓето на тетовскиот крај и на шарпланинските села и на скапоцената лешничка шума и живиот свет на Шар Планина, велат од „Зелен фронт“.

Иницијативата во септември во 2020 година одржа еден собир во Тетово на кој ги истакна ставовите, на 27 септември во месноста Лешница на Шар Планина организираше протестен собир против изградба на мали хидроцентрали.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот