Запленетото може да се продава, но не се знае како

Фото: архива

Бројката на запленети возила можеби достигнува и до 10.000 низ целата држава. Од нив, околу 3.000 се кај Агенцијата, а другите се по полициски станици, национални шуми, шумска полиција… бидејќи нема централен магацин за да се соберат сите на едно место, ни рекоа од Агенцијата за одземен имот.

Северна Македонија во голема мера ги усогласила мерките за конфискација на имот, имотна корист и други предмети и управувањето со запленетите средства со Варшавската конвенција, но забележани се мали недостатоци, пишува во извештајот на Советот на Европа. Според текстот на Извештајот, една од забелешките се однесува на одговорот од Агенцијата за одземен имот на прашалникот за 2022 година, во кој стои дека има можност за продажба на запленетите средства, но немало информации под кои околности тоа може да се направи.

Во извештајот, исто така, се наведува дека врз основа на дадените примери, Агенцијата е овластена да уништува специфични стоки, како дрога, оружје и алкохол, но повторно од дадените примери не е јасно што точно се случува со конфискуваните средства од кривични дела. Како нејаснотија се наведува и тоа дали сопственоста може да биде предмет на управување од Агенцијата за одземен имот и на земјата ѝ се препорачува да обезбеди дека има соодветни членови во законодавството, кои би овозможиле управување со средства како резултат на заплена како што е предвидено во Конвенцијата.

Од Агенцијата за одземен имот за „Слободен печат“ објаснуваат дека при одговарање на Прашалникот биле испратени сите законски одредби и подзаконски акти, како и правилници за продажба на конфискуван имот, а во тек се измени на законот за да се решат аномалиите. Во однос на забелешката за управување со конфискувани средства од кривични дела, велат „за да има управување, треба и конфискација“, а во пресудите не е секогаш опфатена и конфискација на имот.

– Со што ќе управува Агенцијата ако тоа не е обезбедено. Не може да управуваме со привремено одземен имот ако чекаме со години за правосилни пресуди – додаваат оттаму.

Што се однесува до средствата конфискувани од кривични дела, велат многу е јасно дека тие се влеваат во буџетот.

– Паричните средства што се конфискувани, се влеваат во државниот буџет, а имотот, недвижниот имот се продава, се отстапува или се дава под закуп. Движните предмети, пак, Агенцијата или ги отстапува на другите државни органи или ги продава – објаснуваат од Агенцијата.

Кога се говори за продажбата или за отстапувањето движен имот, од Агенцијата ни изјавија дека од 2017 година досега околу 1.000 автомобили биле доделени на државни институции, со што се заштедени милиони евра. Што се однесува до бројката на запленети возила, можеби достигнуваат и до 10.000 низ целата држава. Од нив, околу 3.000 се кај Агенцијата, а другите се по полициски станици, национални шуми, шумска полиција… бидејќи нема централен магацин за да се соберат сите на едно место.

Како пример за успех во функционирањето, споменуваат дека сега има доделување на 60 до 70 возила на државни институции наеднаш, а нивните колеги од регионот не доделуваат толку за цела година. Стока во износ од над 500 илјади евра е доделена по социјалните центри, а како пример се споменува донацијата од 90-ина нови машини за перење во вредност од 31.000 евра за болници, градинки и затвори.

Но, од Агенцијата, велат, се соочуваат и со проблеми. Најголем проблем се условите за работа, просторните капацитети, човечки и финансиски ресурси. Во моментов таму се вработени 45 луѓе, иако по систематизација треба да се 75. Од нив 17 се службеници, додека другите се чувари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот