Западот не е тоа што беше, но сѐ уште е попривлечен од Истокот

Матриошки со ликовите на Путин, Сји и Бајден во продавница во Москва - Фотографија ЕПА, Максим Шипенков

Европската Унија мора да развие политика на „стратегиска меѓузависност“ и да создаде широка коалиција партнери за разни прашања, а во исто време да ја зацврсти сопствената позиција на глобалната сцена

Граѓаните, за разлика од политичките лидери, не ја гледаат геополитичката слика на 21 век како „поредок во кој доминираат Истокот и Западот“, туку како „измешан голем неред“, покажуваат резултати од истражување на Европскиот совет за надворешни односи и на програмата Европа во променлив свет на Универзитетот Оксфорд.

Авторите во заклучокот забележуваат дека Европа и САД сѐ уште се попривлечни и дека нивните вредности се ценат повеќе отколку оние што ги нудат Кина или Русија, но и дека тоа не се пресликува во политичката определба.

– Според повеќето луѓе во повеќето земји, живееме во свет во кој државите по желба создаваат партнерства за разни прашања по сопствен избор, а не се раководат според однапред утврден список на сојузи – истакнуваат авторите.

Толкувајќи ги резултатите, Тимоти Гартон Еш од Оксфорд и Иван Крастев и Марк Леонард од Европскиот совет за надворешни работи, институцијата што го нарача истражувањето, укажуваат дека Европската Унија мора да развие политика на „стратегиска меѓузависност“ и да создаде широка коалиција партнери за разни прашања, а во исто време да ја зацврсти сопствената позиција на глобалната сцена.

– Светот се менува, и тоа не во полза на Европа. Секоја стратегија мора да почне со анализирање на светот каков што навистина е, а не каков што сакаме да биде. ЕУ мора да забележи како „средните сили“ како Турција, Индија, Бразил или Јужна Африка самоуверено настапуваат на светската сцена – вели Крастев.

Гартон Еш додава дека проширувањето кон Исток ќе ѝ помогне на ЕУ да биде помоќен и поважен играч, но и дека „европската мека моќ“ мора да биде придружена во повеќе инвестиции во воените сили и безбедноста, што се дел од „тврдата моќ“.

Истражувањето било спроведено во САД, Кина, Русија, Индонезија, Јужна Кореја и од 11 членки на ЕУ. Испитаниците од „западниот блок“ се убедени дека Западот ја губи својата доминантна позиција, поради што 47 отсто од оние во САД и 40 отсто во Јужна Кореја се песимисти за иднината на нивните земји. Од спротивна страна, дури 86 отсто од испитаниците во Индија, 74 отсто во Индонезија и 69 отсто во Кина се оптимисти за својата иднина.

Илустрација Profimedia

Западот, сепак, сѐ уште е попривлечен за 75 отсто испитаници во Јужна Кореја, 71 отсто во Турција, 68 отсто во Бразил и 65 отсто во Јужна Африка. САД како геополитички лидери во однос на Кина ги претпочитаат 82 отсто испитаници во Јужна Африка, 80 отсто во Индија, 66 отсто во Бразил, 54 отсто во Јужна Африка и 51 отсто во Турција. Но, Кина како трговски партнер би ја избрале 74 отсто испитаници во Русија, 60 отсто во Саудиска Арабија и Јужна Африка. На страната на САД се само во Индија (65 отсто) и во Бразил (50 отсто).

Мнозинството испитаници од „средните сили“ немаат ништо против поголемо економско присуство на Кина во нивните земји, на пример да купи весник, инфраструктурен објект или спортски тим, а во Европа тоа е прифатливо само за 29 отсто.

Дури две третини од испитаниците во Русија и 57 отсто во Кина сметаат дека во Украина, всушност, војуваат Вашингтон и Москва. Со тоа се согласуваат само 36 отсто од испитаниците во ЕУ, 24 отсто во Индија и 20 отсто во САД. Луѓето во Кина, Русија и во „средните сили“ би сакале војната што е можно побрзо да заврши, додека мнозинството во САД и во Европа прифаќаат таа да трае долго ако треба, сѐ додека Украина не ја ослободи целата територија окупирана од Русија. Повеќето испитаници надвор од Европа, дури и во Америка, се убедени дека ќе победи Русија – 86 отсто во Русија, 74 отсто во Кина, 63 отсто во Индија, 55 отсто во Турција и 52 отсто во САД. Во Европа, само 46 отсто се убедени дека Русија може да победи.

Голем е и бројот на испитаници што се убедени дека Европската Унија ќе се распадне во следните 20 години – 67 отсто во Кина, 62 отсто во Саудиска Арабија и 54 отсто во Русија, што директно го поврзуваат со исходот од војната во Украина. Многумина се убедени и дека по 20 години САД повеќе нема да бидат демократија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот