Заокружил, па гласачкото ливче му го покажал на набљудувач од партијата пред да го пушти во кутијата

Јавен обвинител Џељал Бајрами, претседател на комисија на ЈОРСМ за следење евентуални кривични дела поврзани со изборите

Во Јавното обвинителство Радовиш денеска стигнала пријава дека во селото Бучим, гласач пред да го пушти гласачкото ливче во кутијата го покажал на набљудувач од политичка партија, информираше јавниот обвинител Џељал Бајрами кој е претседател на Комисијата на Јавното обвинителство за следење евентуални кривични дела поврзани со изборите.

Дадени се насоки за проверување дали постојат елементи на кривично дело од член 160 од Кривичниот законик – Повреда на слободата на определување на избирачите.

Од настаните кои се пријавени, во текот на вчерашниот ден во ОЈО Делчево заведен е предмет по побарани наредби од МВР за вршење увид во службена документација во ЈКП Делчево и Македонска Каменица поради сомненија за кривично дело – Поткуп при избори и гласање од член 162 од Кривичниот законик. Сомневањата биле поврзани со наводно поставување водомери на граѓани од јавните комунални претпријатија без пари, а за поткуп при избори, информира Обвинителството.

Согласно информациите добиени од јавните обвинителства низ целата држава, денешниот изборен ден на кој се гласа во првиот круг од изборите за Претседател на Република Северна Македонија до овој момент поминува мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес.

Сепак станува збор за исклучително мал број вакви настани, па може да се даде една генерална оценка дека целиот изборен процес до овој момент поминува без поголеми нарушувања кои би содржеле елементи на кривично дело. Ваквиот тек на изборниот процес се одразува и на нашата електронска пошта [email protected] каде од утрово не се регистрирани пријави за кривични дела поврзани со изборите, рече обвинителот Бајрами.

Во привремената Комисија на Јавното обвинителство за селедење евентуални изборни нерегуларности членуваат и претставници од четирите виши јавни обвинителства во државава, како и од Основното јавно обвинителство Скопје, како основно обвинителство со најголем обем на работа. Денеска во текот на денот се организирани вонредни дежурства во сите основни јавни обвинителства, а тесно се координираме и со останатите институции надлежни за следење на изборниот процес.

Комисијата ги следи евентуалните изборни нерегуларности кои би претставувале кривични дела од Глава 16 на Кривичниот законик, односно кривични дела против изборите и гласањето, но и останатите кривични дела кои би можеле да го нарушат текот на изборниот процес. Во оваа насока својата работа ја започнавме уште на самиот старт на изборните активности, а ќе продолжиме и меѓу двата изборни круга и на денот на второто гласање, кога ќе се гласа и на претседателски и на парламентарни избори. Сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства“, истакна јавниот обвинител Бајрами во изјава за медиумите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот