Занаетчиите ја чекаат поддршката за плати, голем дел не можат да аплицираат за бескаматните кредити на Развојната банка

Со драстичен пад на побарувачката и финансиски проблеми, се соочуваат македонските занаетчии. Во услови на КОВИД-криза, како што наведуваат, се трудат да го одржат бизнисот ликвиден и да ги исплатат тековните трошоци: закуп, сметки за струја, вода, плати,…

Според претседателот на Занаетчиската комора Скопје, Горан Ристовски, КОВИД-кризата го доведува во прашање опстанокот на секторот доколку не се изгласа законското решение за финансиска поддршка, предвидено со петтиот сет мерки.

Занаетчиите се соочуваат со намалена побарувачка на занаетчиските производи и услуги, проблеми со одржување на ликвидноста на бизнисот, недостаток на финансии за исплата на плати и придонеси за вработените, преоптовареност со парафискални давачки, како и со сивата економија како нелојална конкуренција на легалниот бизнис. Со задоцнетиот петти пакет мерки, се соочуваме со многу потешкотии. Занаетчиите ја очекуваат најавената финансиска поддршка за плати за февруари и март, законско решение кое се уште го немаме. Често поставувано прашање е како да се издржи наредниот период без финансиска подршка од државата, истакнува Ристовски.

Според Комората, се покажа дека неопходна мерка за опстанок на многу занаетчиски бизниси е финансиската поддршка за плата за самостојните вршители на дејност и вработените во занаетчискиот сектор.

-Без финансиска поддршка за плата многу занаетчии ќе останат без финансии и нема да бидат во можност да ги одржат бизнисите активни во наредниот период и да ги задржат вработените, наведува Комората.

Соопштува и дека голем дел од занаетчиите не можат да аплицираат за бескаматните кредитни линии на Развојната банка зашто поради кризата работеа со загуби и не ги исполнуваат условите за аплицирање на повиците.

-Паушално оданочените занаетчии се исклучени како можни апликанти во повиците за бескаматните кредитни линии и тие воопшто не можат да аплицираат, истакнува Комората

Занаетчиската комора дополнува и дека измената на Законот за ДДВ за намалување на даночната стапка од 18 на пет отсто, кој беше дел од четвртиот пакет мерки за справување со КОВИД-кризата, не беше согласно барањата на занаетчиите, зашто во измените и дополнувањата влегоа многу мал број занаетчиски дејности кои не се ДДВ обврзници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот