Заев за „Слободен печат“: Никогаш се немам сретнато со таков човек, Тал Дилијан, ниту пак разговарано за „Предатор“

Зоран Заев во утрински брифинг
Зоран Заев, поранешен премиер на Влада на РСМ / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Поранешниот премиер Зоран Заев во изјава за „Слободен печат“ вели дека никогаш не се сретнал со Тал Дилијан, поранешниот израелски воен разузнавач кој во земјава се поврзува со фирмата „Сајтрокс“. Фирмата „Сајтрокс“ заврши на црната листа на САД, затоа што од Скопје произведувала софтвер за шпионажа на мобилни телефони „Предатор“, а новинарите од грчки „Инсајд Стори“ пишуваат дека инвестицијата на Тал Дилијан во скопски „Сајтрокс“ во 2017 година, следувала откако се сретнал со тогашниот премиер Заев. Но, Заев демантира дека се видел со Тал Дилијан или дека кога било разговарал со него за софтвер за следење на комуникациите.

-Сега видов и слики на интернет од тој човек што ми го пишувате, затоа што знам дека немам воопшто држено состаноци со луѓе за такви работи. Така да, никогаш се немам сретнато со таков човек, Тал Дилијан. Ниту пак некогаш имам разговарано за софтвер за следење на комуникации. Тоа не е работа на премиер кој презел одговорност да води влада после огромен
скандал за незаконско прислушување на граѓаните, кој лично јас го имав разоткриено и објавено во јавноста, изјави Заев за „Слободен печат“.

Тој е сигурен дека државата нема купено таков софтвер ни по неговото заминување од премиерската функција зашто за такви работи домашните безбедносни служби се координираат со партнерите од САД и ЕУ земјите. И ОТА двапати демантираше дека набавила „Предатор“. Премиерот Димитар Ковачевски исто така кажал дека во земјава не се користел „Предатор“.

ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ и ДУИ ѝ должат на јавноста да дадат одговор каква е нивната поврзаност со израелско-македонската фирма која работела на создавањето на „Предатор“.

„Јавноста мора да добие одговор зошто јавното обвинителство молчи за овој скандал, зошто Ковачевски молчи за шпионскиот софтвер, дали Ковачевски дал зелено светло за овој софтвер користен за следење на граѓаните?“, пишува  во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ испратено до медиумите денеска.

Но, Законот за следење на комуникациите во членот 3 предвидува дека зелено светло за користење на ваков софтвер не може да даде премиерот, туку Министерството за внатрешни работи. Доколку МВР не му издала дозвола на „Сајтрокс“ да го произведува „Предатор“ тогаш фирмата производството го правела на диво и неконтролирана од никого, користејќи правни дупки во државата.

„Производство, нудење на продажба, продажба, увоз, извоз, реекспорт или држење на средства за следење на комуникациите не може да се врши без одобрение што го издава МВР. Одобрението од ставот 1 на овој член се издава врз основа на поднесено писмено барање, во прилог на кое е доставена техничка спецификација на видот и карактеристиките на средствата кои можат да бидат наменети за следењето на комуникациите. Правните лица кои поднесуваат барање за држење на средства за следење на комуникациите во својство на давател на телекомуникациските услуги, покрај техничката спецификација доставуваат и податоци за нивната електронска комуникациска мрежа и безбедносен сертификат за правни лица“, пишува во членот 3 од Законот за следење на комуникациите.

Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање на денешната седница го прифати предлогот на пратеникот Павле Трајанов со кој надлежните институции треба да одговорат за производството, продажбата, користењето и можните злоупотреби на „Предатор“ софтверот. Станува збор за инвазивен софтвер. Со постарите верзии, на таргетот му се праќа линк да кликне на него по што телефонот му е инфициран и сѐ што има во него, станува сопственост и предмет на директно следење од страна на имателот на „Предатор“. Ама со поновите верзии, ни линк не е потребен, туку телефонот може да се инфицира и без таргетот да направи што било.

„Кои фирми се опфатени во производство и продажба на системите, дали нашите служби ги користат и поседуваат, дали вакви системи поседуваат поединци, компании, политички партии и други субјекти? Потоа, дали и која институција ги штити граѓаните од злоупотреба на овие системи, рече пратеникот Павле Трајанов на денешната седница во Собранието.

Пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ упати критики кон Јавното Обвинителство што не го регистрира фактот дека САД ја става „Сајтрокс“ и „Предатор“ на црната листа како закана за националната безбедност, а македонското обвинителство се прогласува за ненадлежно да постапува зашто никој не им пријавил кривично дело сторено на територијата на Македонија со „Предатор“.

Овој софтвер „Предатор“ за мобилни телефони во светски рамки предизвикува скандали. Станува збор за скапа играчка, со оглед на тоа што „Њујорк тајмс“ објави дека ѝ бил нуден на Украина пред војната за 14 милиони евра, но таа одбила да го купи. Од искуствата во светски рамки на повеќе држави каде што бил употребуван и злоупотребуван, софтверот „Предатор“ може да се злоупотребува за следење на комуникациите на високо-позиционирани лица во безбедноста, политиката, судството, одбраната, новинари и активисти за човекови права. Затоа што е премногу скап, најчесто „Предатор“ им се нуди на влади и на држави за безбедносни цели, односно за борба против криминалот и тероризмот. Но, „Предатор“ во Грција беше пронајден на телефоните на луѓе кои не биле дел од криминал, туку биле опозиционери или новинари, односно „Предатор“ во рацете на погрешно мотивирани луѓе лесно може да се претвори во оружје за политичка уцена, влијание врз изборите, загрозување на приватноста и
човековите права, како и за индискреција и политичка дискредитација.

Затоа ваквите софтвери со месеци се дел од дебата и посебен истражен одбор во Европскиот парламент, каде редовно се реферира за начинот на кој овие софтвери биле злоупотребувани. Таму, во парламентарните дебати, Македонија е споменувана уште на крајот на 2022 година, поради фирмата што сега, осум месеци подоцна се најде на црната листа на САД – „Сајтрокс АД“.

Пратеничката во Европскиот Парламент Софи  Интвелд уште во 2022 година му се обратила на Тал Дилијан, споменувајќи ја Северна Македонија, но не добила одговор.

„Фирмата Сајтрокс хостирана од „Интелекса“, почна како стартап во Северна Македонија, но според Форбс, вие сте ја спасиле од банкрот со пет милиони долари. Корпоративната структура на „Сајтрокс“ се чини раштркана, со корпоративно присуство во Унгарија, Израел и трансфер на акции во корпоративен ентитет на Британските Девствени Острови. Ве молам дајте ни информации за вашата сегашна и поранешна улога во „Сајтрокс“ и каква е врската меѓу „Сајтрокс“ и „Интелекса“? Дали „Интелекса“ може да ни објасни зошто има присуство на Британските Девствени Острови? Дали „Интелекса“ може да објасни дали „Сајтрокс“ пренел делови од своите акции на Британските Девствени Острови?“, праша пратеничката во Европскиот Парламент Интвелт, ама Дилијан никогаш не одговори.

Во Грција Предатор се користел против новинари и опозиционери, па дури и членови на Европскиот Парламент. Владата на Грција на почетокот тврдеше дека оваа опрема е нелегална и дека нема никаква поврзаност со неа, за на крајот да признае дека дозволувала истата да се извезува во други држави, дел од кои режимски. Во август, премиерот Киријакос Мицотакис го отпушти шефот на службата за национална безбедност, но скандалот еруптираше и властите веќе не можеа да се кријат зад превезот на националната безбедност и да го игнорираат.

Алексис Ципрас рече дека Мицотакис е обвинет за претворање во националната безбедносна служба во парадржавна организација.

Последната капка што ја прелеа чашата се гласините дека шпиoниран преку малициозен софтвер на својот телефон бил и советникот за национална безбедност на Грција Александрос Диакополус како и шефот на националната одбрана Константинос Флорос. Лидерот на ПАСОК Никос Андрулакис објави дека неговиот телефон бил следен. Грчкиот весник Документо откри дека министерот за труд Костис Хацидакис бил шпиониран кога бил министер за енергетика.

Њујорк Тајмс објави дека грчката влада и дала на фирмата „Интелекса“ дозвола софтверот предатор да го извезе во Мадагаскар, држава со историја на кршење на човековите права и политичка репресија на неистомислениците. Постојат загрижувачки податоци дека моќниот софтвер „Предатор“ бил доставен во Судан, во рацете на репресивна милиција.

Со понапредните верзии на ваквиот софтвер, таргетот не мора ниту да кликне на малициозен линк, за клиентите на овие фирми да добијат пристап до буквално сите апликации на мобилниот уред – сите фотографии, документи и конверзации кои се извлекуваат од апаратот на друг систем. Телефонот може да се претвори во „Големиот брат“, бидејќи софтверот за шпионирање на некои фирми што го произведуваат, може да ја вклучи камерата на мобилниот без знаење на корисникот и таа да снима тајно. За разлика од вообичаеното прислушкување, шпионската опрема за следење мобилни телефони им дава комплетна контрола на тие што ја имаат. Не само што имаат можност да следат што се случува со животот на жртвата во реално време, туку имаат и ретроактивен пристап до фајловите и пораките што се креирани во минатото, како и до поранешните комуникации.

Тал Дилијан иако познат во безбедносните кругови, се прослави и за пошироката јавност кога во 2019 година на новинар на Форбс му даде незаборавна можност на целиот свет да му покаже како може со своето супер технолошки опремено комбе, од секој мобилен телефон во радиус од половина километар, преку софистицирана опрема да ги извади сите податоци и да ги префрли на свој монитор. Тука влегуваат пораките на Ватс Ап, Фејсбук чатот, СМС пораките, контактите, телефонските повици. Дилијан е ветеран од израелските разузнавачки служби и мултимилионер, дилер на шпионска опрема. Презентацијата на перформансите на комбето пред камерата на Форбс, за секој корисник на мобилен телефон, благо речено е запрепастувачка, иако Дилијан негираше дека истото било вклучено во нелегални активности или незаконско следење на комуникациите, a ако било – тогаш тоа била одговорност на клиентите, оти неговата фирма не е ниту светска полиција, ниту светски суд.

Станува збор за комбе полно со опрема, која вреди меѓу 3,5 милиони и 9 милиони долари, зависно од желбите на клиентот. Од комбето, Дилијан пред камерата на Форбс, инсталираше шпионски софтвер на телефонот на колегата кој беше излезен надвор и кој не ни мораше да кликне на каков било линк за да се фати на мамката. Внатре во комбето, само секунди откако телефонот беше инфициран, пораките од Ватс Ап се појавија на мониторот пред Дилијан. Во текстот на Форбс, Дилијан рече дека има нова фирма – Интелекса. А покрај Интелекса, се пофали и со македонската фирма која ја произвела шпионската опрема во комбето, Сајтрокс. За оваа фирма, Дилијан тогаш рече дека ја спасил од пропаѓање со 5 милиони долари и дека токму таа го изработила софтверот со кој од комбето демонстрираше дека може да ги прибере сите пораки од Ватс Ап од туѓ мобилен телефон. Таа фирма е „Сајтрокс“, од пред два дена на црната листа на САД за загрозување на националната безбедност на Америка.

После оваа медиумска авантура со Форбс, бизнисот на Тал Дилијан беше префрлен од Кипар во Грција, затоа што властите во Кипар го казнија 1 милион долари, за незаконско собирање податоци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот