Заев: Свесни сме за жолтиот картон од УНЕСКО, тоа е аларм за сите

Фото: Архива на „Слободен печат“

Свесни сме за жолтиот картон од УНЕСКО. Иако во јули може да има поинаква одлука, ние очекуваме Охрид да остане заштитен под УНЕСКО, но како наследство во опасност. Тоа е аларм за сите, прво за нас институциите, но пред се и за граѓаните, рече премиерот Зоран Заев во неговото гостување на телевизијата „Клан”.

„Извештајот на УНЕСКО го опфаќа извештајниот период до јануари 2020 година и Владата на Република Северна Македонија останува цврсто посветена во јули кога ќе се дебатира овој извештај и кога ќе се донесе конечното мислење, да ги презентираме сите активности што од тогаш се преземени за природното и културното наследство на заштитеното подрачје на Охридскиот регион и одговорно тврдам дека централната власт направи многу“, истакна  Заев.

„Прифаќам дека УНЕСКО неколку години нé предупредува, но после присуството на експертите од УНЕСКО во извештајниот период е направено многу. И минатото лето и ова лето. Континуирано ја поздравуваме акцијата на отстранување на бесправните градби околу плажите од страна на Охрид, за жал тоа сеуште не можеме да го направиме за Струга, апелирам и Струга да постапува на соодветен начин. Инвестиравме многу во реконструкцијата на колекторот и на негова доизградба до Радожда. Сега веќе нема шанса да се добие дозвола за градба без мислење на Комисијата за спроведување на Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион“, нагласи премиерот Заев.

Тој додаде дека Владата презема итни чекори за експертско и стручно кадровско екипирање на најрелевантните институции како што се Завод и музеј Охрид, Управата за заштита на културното наследство и НП Галичица. Прекинати се работите на регионалните патишта кои беа во спротивност со Планот, а променета е и рутата на железничката линија Кичево-Лин во Албанија која претходно беше предвидено да поминува низ заштитеното подрачје.

УНЕСКО втор пат го вкучува црвениот аларм за Охридскиот регион и на 125 страници ги испишува  сите неправилностите околу грижата и заштитата на Охридското Езеро во Македонија и Албанија.Во извештајот се бара двете земји забрзано да спроведат препораки како уривање на дивоградбите и безусловно почитување на мораториумот за градба на крајбрежјето.

УНЕСКО повторно го вклучи црвениот аларм за Охрид: Светското наследство во опасност

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот