Заев-Борисов: Потребно е да ја забрзаме изградбата на Коридорот 8

фото: Слободен печат/ Арбнора Мемети

Реализацијата на проектите во рамки на инфраструктурниот Коридор 8 била една од темите на денешната средба во Скопје на премиерите на Северна Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов.

На заедничката прес-конференција по средбата, премиерот Заев нагласи дека за Коридорот 8 од наша страна се обезбедени средства во висина од 580 милиони евра, од кои 65 милиони евра се од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан, 60 милиони од ИПА 2 програмата, како и од кредити од Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициски банка.

Во разговорот посебен акцент е ставен на железничкото поврзување меѓу двете земји, кое го опфаќа и изградбата на тунелот кај Ѓуешево, од кој половина ќе биде на бугарска, а половина на македонска страна од границата.

Борисов потенцира дека тунелот од бугарска страна е речиси готов, додавајќи дека мора да се забрза изградбата на Коридорот 8. – Можеме уште да го забрзаме процесот и ве повикувам сите да се вклучиме и да не губиме време, порача Борисов.

Тој најави дека министрите од двете земји што го покриваат ресорот градежништво следната недела ќе го посетат Ѓуешево, за да видат до каде се градежните работи на тунелот.

Премиерот Заев, нагласи дека тунелот, што е дел од третата фаза од изградбата на железничката пруга и кој чини повеќе од 80 милиони евра, треба да биде изграден во еден дух и квалитетно.

Тој истакна дека за нас Коридорот 8 е и автопатот Скопје – Миладиновци – Свети Николе, што продолжува преку Штип до Берово и граничниот премин Клепало на македонско-бугарската граница, кој двете земји исто така го градат заедно, како и уште двата други премини.

– Сите тие се нашите мостови на поврзување, кои треба да отворат сериозни перспективи и за економијата и за секојдневното живеење, потенцира Заев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот