Заборавена традиција: Врзете си мартинка и чекајте штркот да ви донесе подарок

мартинки
Мартинки, Фото: Flickr, Wikimedia

Денес Баба Марта ги отвора вратите на пролетта

На 1-ви март традиционално се плетат и на рацете се вртат – мартинки, во чест на празникот Баба Марта кој се поврзува со доаѓањето на пролетта. Истите и се даруваат, за здравје и благодат. Овој обичај кој го ритуално го практикувале нашите предци е во изумирање и членовите на помладите генерации често не го ни сретнале. Тој дури е и означен од УНЕСКО како „Нематеријално културно наследство“.

Традиционално, мартинката се плете од волнен конец, бел и црвен. Црвениот значи крв, а белиот чистота. Во некои делови од Македонија најстарата жена во семејството на првиот ден од месецот им врзува на рацете на децата засукан бел и црвен конец за здравје и против уроци.

мартинки

Една од легендите за појавата на мартинката вели дека кога кан Аспарух ги победил византиските војници, напишал писмо за победата и го врзал за ногата на една птица со бел конец. Сепак, во летот птицата била забележана од византиски војници, кои стрелале во неа и ја повредиле. Иако била повредена таа пристигнала успешно во кампот, но белиот конец веќе бил поцрвенет од крвта. Па така тој делумно „извалкан“ конец, се трансформирал во мартинката.

По повод, како се носеле мартинките во минатото, разговаравме со 72-годишната Добрица со потекло од Белополе која ни раскажа:

„Старите нa денот спроти први, значи вечерта пред Марта ни врзуваа на рацете мартинка. Ја правеа од бело и црвено конче или црвено и црно. Кога ќе ни ја врзеа на раката, ни велеа шрткот ќе ви донесе поклон. Мајките врзуваа обично, за благослов. Имаше некои деца, носеа на гуша мартинки. Како им се фатило на старите, така“,

Ја прашавме баба Добрица кога се очекувал поклонот да пристигне и како се чувствувала таа како дете

„Ги носевме до Младенци. Ами… како се чувствував? Имав преубаво детство, трчав по ливади, берев цвеќиња, не ми беше многу гајле“, вели таа за Слободен Печат.

Мартинки, Фото: Flickr

Младенци го слават сопружниците во првата година од бракот, односно оние кои се венчале после 22 март претходната година. Се верува дека „какво ќе биде времето на тој ден, такво ќе биде цела пролет“. На други места низ Македонија мартинките се носат до појавата на првото процветано дрво или на првиот виден штрк или ластовица. Кога ќе се здогледа тоа дрво, мартинката се вади од раката и се закачува на гранка со некоја молитва за благосостојба.

И покрај индиферентноста на баба Добрица за мартинките, обичајот е многу романтичен и лесно остварлив. Сè што треба да направите е да си засукате сами или да си купите од пазар. Може да си замислите желба, да го почекате штркот и да го негувате културното наследство.

Три муви со еден удар!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот