За зимско одржување на дел од патиштата, приватни фирми добиле 3 милиони евра

Пат Пробиштип-Крупиште. / Фото: Влада на Република Северна Македонија

„Македонијапат“ со години се жали на стара и недоволна механизација, а минатата година имала многубројни непланирани интервенции

Само за зимско одржување на патиштата и на автопатот на територијата на подружниците Скопје, Битола, Велес, Штип, ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта „Македонијапат“, минатата година платило речиси 3 милиони евра.

Според извештајот на Бирото за јавни набавки, ова претпријатие прво ја проценило вредноста на услугите за 1,34 милиони евра, но потоа му биле потребни многу повеќе услуги од надворешните компании и вредноста станала повеќе од двојна.

„Македонијапат“ со години се жали на стара и недоволна механизација и на недоволно пари. Ова јавно претпријатие 99 проценти од парите ги добива од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) (во чија надлежност се сите државни патишта вклучувајќи и нивна изградба и поголеми зафати), кое, пак, парите ги обезбедува преку патарини, акцизи, патна такса при регистрација на возила, поставување рекламни паноа.

Според финансиските извештаи што ги објави „Македонијапат“, минатата година во првиот квартал тие биле во плус од речиси 100.000 евра, но веќе вториот квартал го завршиле со минус од околу 350.000 евра. Минатата година имаше задоцнети снегови, а јавното претпријатие во финансискиот извештај се жали на застарената механизација и ги повикува надлежните во Владата да му помогнат.

„Ова е реалната слика на претпријатието (каде што по поедини квартали финансискиот резултат се менува добивка-загуба), кое поради недостиг на доволна и квалитетна механизација, како и финансиски обврски по повеќе основи, не може однапред да ги предвиди и да ги планира состојбите, затоа што и на најмали негативни промени претрпува финансиска штета и ги обезвреднува сите заложби на раководството за опстојување и добро функционирање на претпријатието“, пишува во финансискиот извештај за вториот квартал. Оттаму велат дека не може да работат позитивно ако имаат зголемена потреба од ангажирање трети лица.

„И покрај остварените зголемени приходи за вториот квартал, тие не се доволни да ги покријат трошоците настанати при работењето. Материјалните трошоци се зголемени во склад со зголемената реализација (позициите и условите во кои е работено), кај другите трошоци нема значајна промена, додека зголемувањето во делот на нематеријалните трошоци е како потреба од користење транспортни услуги од трети лица за превоз на материјали (поради недоволно расположливата механизација со која располага претпријатието, многубројни интервенции и ангажирање по позиции на кои е работено, како и многу дефекти). Со самото тоа се зголемени и услугите за одржување и заштита кои спаѓаат во нематеријални трошоци – кои во ова тримесечје имаат висок процент на зголемување. Горенаведените услуги во голем дел допринесуваат за искажување на негативниот финансиски резултат“, пишува во финансискиот извештај.

Инаку, во 2019 година ова јавно претпријатие остварило добивка од околу 750.000 евра, а во 2018 година имало добивка од околу 340.000 евра. Но, од друга страна, ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта редовно го има на црната листа на УЈП на неплаќачи на данок. На последната, за даночни долгови достасани до 30.4.2021 и неплатени до 31.7.2021 година, „Македонијапат“ се наоѓа на седмото место со долг од 2,3 милиони евра, и тоа 1,7 милиони евра за неплатен ДДВ и околу 600.000 евра за данок на добивка.

И „Национални шуми“ постојано ангажираат надворешни фирми

Бирото за јавни набавки објави дека ЈП „Национални шуми“ бара надворешни фирми за сеча и дотур на фирми со проценета вкупна вредност од околу 900.000 евра. Договорот е делив и веќе неколку компании склучиле договори за сеча и дотур на огревно дрво. Вакви договори со години склучува ЈП „Национални шуми“. Објаснувањата се дека тоа се сезонски активности, кои барат дополнително луѓе и дека фирмата нема доволно сопствена механизација.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот